Утре ќе се трча од Струмица до Гевгелија за лицата со Пулмонална хипертензија

Од Струмица до Гевгелија, по патека долга 50 километри, утре ќе се трча за подигање на свеста за постоењето на ретката белодробна болеста – Пулмонална хипертензија.

Хуманитарната трка ќе започне во 9 часот од плоштадот во Струмица, а крајната линија е во Гевгелија, со должина на патеката од 50 километри. Трасата води од Струмица преку Валандово, Богданци и се очекува да заврши околу 14:30 на плоштадот во Гевгелија. Велосипедскиот Клуб „АКТИВ“, Струмица и Здружението Асоцијација за Пулмонална Хипертензија „МОМЕНТ ПЛУС“ го организираат првото хуманитарно трчање по овој повод и кој ги поврзува овие два градови, под наслов „Трчаме со Николчо“.

Трчањето е во чест на гевгеличанката Ѓургица Ќаева, како и на сите пациенти кои страдаат од оваа болест.

Маратонeцот – предводник е Николчо Ѓоргиев, кој често ја поддржува оваа иницијатива на сите маратони кои ги трча, со носење маичка со логото и мотото на Здружението – „Остани без здив“. Досега се пријавени 32 учесници кои ќе се приклучуваат од различни окрепни точки по трасата.

Белодробна артериска хипертензија (ПАХ) е прогресивна болест предизвикана од стеснување на белодробната артерија која ги поврзува десната страна од срцето со белите дробови. Пулмоналната хипертензија е сериозно заболување кое прогресивно се влошува со тек на време и понекогаш завршува фатално. Иако пулмоналната хипертензија не е излечлива болест, третманот кој постои ги олеснува симптомите и го подобрува квалитетот на живот.

Во Македонија постојат 15 регистрирани случаи на оваа болест, за која малку се знае.