УНХЦР: Намален број бегалци и мигранти кои стигаат во Европа, но злоупотребите продолжуваат

Бројот на бегалци и мигранти кои пристигнале во Европа во првата половина на годинава е во опаѓање, се наведува во новиот шестмесечен извештај на УНХЦР (Агенцијата на Обединетите Нации за бегалци), насловен „Очајнички патувања“.

Сепак, без достапни правни механизми, во извештајот се вели дека многу од нив сè уште прибегнуваат кон транспорт кој го организираат безмилосни криумчарски мрежи и мрежи на трговци со луѓе, со што ризикуваат смрт, сериозни злоупотреби, или и двете.

Една од приказните, кои го илустрираат извештајот, е од бегалец од Сирија кој помина 16 месеци во ПТЦ Винојуг.

Во извештајот стои дека вкупниот број преминувања преку Средоземното Море драстично опадна во првата половина од оваа година споредено со истиот период во 2016, најмногу заради падот од 94% кај бројот луѓе кои ја користат рутата од Турција до Грција. Во меѓувреме, премините од Северна Африка до Италија останаа на отприлика истото ниво како минатата година (83.752 луѓе до крајот на јуни и пониски бројки оттогаш навака).

И покрај падот на бројот пристигнувања, веројатноста за смрт кај луѓето кои се обидуваат да стигнат до Европа е сè уште алармантно висока. Извештајот проценува дека 2.253 луѓе починале или исчезнале на море, а најмалку 40 починале на копнените рути на или близу до европските граници. Бидејќи повеќето луѓе патуваат скришно, тешко е да се потврдат таквите информации и овие проценки се сметаат за скромни. Насилството и злоупотребите на патот, посебно во Либија, се многу чести.

„Преземањето мерки да се намали бројот бегалци и мигранти кои пристигнуваат во Европа, без во исто време да се зајакне мировниот процес и да се зголемат развојот и безбедните патишта, е морално неприфатливо. Не смееме да си дозволиме да ги игнорираме злоупотребите кои отворено се случуваат само затоа што се случуваат надвор од нашиот видик“, вели Високиот комесар за бегалци, Филипо Гранди.

Многу од мигрантите и бегалците кои стигнале до Италија од Либија преживеале опасни преминувања на пустината и злоупотреби кои вклучуваат полово насилство, измачување и грабнување за откуп, стои во извештајот. На море, ризикот од умирање патувајќи кон Италија е 1 спрема 39. И, додека многу луѓе кои го поминуваат патот тоа го чинат со цел да можат да обезбедуваат за живот, илјадници други бегаат од насилства во своите татковини или прогон. Околу 11.400 од луѓето кои пристигнале во Италија во првата половина од годината беа непридружувани деца или деца разделени од своите семејства. Многу од пристигнатите, помеѓу нив и деца, се жртви на полово насилство или трговија со луѓе. Сè на сè, преку 40% од барањата за азил во Италија помеѓу јануари и јуни се квалификуваат за некаков вид заштита.

Извештајот на УНХЦР исто така покажува раст во бројот на пристигнувања во Шпанија, со 9.500 луѓе кои пристигнале во земјата од почетокот на јануари, претежно по море, споредено со 4.936 луѓе кои пристигнале за време на првите шест месеци од 2016 година.

Преку копно, движењата низ Европа продолжиле во првата половина од 2017 година., иако на многу пониско ниво споредено со истиот период минатата година.

Луѓето кои се движат по нерегуларен пат понатаму од Грција и Бугарија известиле за злоупотреби од криумчарите, како и за тепање, а и напади од полициски кучиња. Дополнително, имало известувања за ограбувања и киднапирања за изнудување откуп од страна на криумчари.

За време на периодот на извештајот, УНХЦР и партнерите продолжиле да добиваат наводи за незаконски враќања од страна на државните власти во Бугарија, Хрватска, Грција, Унгарија, Романија, Србија, Шпанија и Македонија. Исто така имало известувања за ускратен пристап до постапки за азил и наводи за насилство во некои случаи. И додека некои Држави имаат преземено чекори за да одговорат на таквите постапки, на пример преку истражување на наводите за прекршување на човековите права на границите, извештајот посочува дека потребни се дополнителни мерки.

Извештајот забележува дека е потребна обновена заложба да се обезбеди заштита и решенија, вклучувајќи и за луѓето кои се движат пред да стигнат до Либија, како и конкретни чекори за да се одговори на криумчарењето и трговијата со луѓе. Овие мерки мораат да се комбинираат со побезбедни и легални патишта, вклучувајќи го зајакнувањето на процесот на преселување во други земји и олеснување на соединувањето на семејства. Ова е клучно со цел да се заштититат бегалците и мигрантите од криминални мрежи, да се намали потпирањето на криумчарите и да се намалат идните злоупотреби и бројот на смртни случаи.