УНХЦР: Изменети рутите на движење на мигрантите

И покрај намалениот број бегалци и мигранти кои пристигнаа во Европа минатата година, опасностите со кои многу од нив се соочуваат во текот на патот во некои случаи се зголемени, се вели во новиот извештај на УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, а забележани се изменети рути на движење.

Извештајот „Очајнички патувања“ открива дека поморските пристигнувања во Италија, најмногу од Либија, се драстично намалени од јули 2017 година. Ова намалување продолжи во првите три месеца од 2018година, со пад од 74 проценти споредено со минатата година.

Патувањето кон Италија се покажува како сè поопасно, а стапката на смртност кај лицата кои преминуваат од Либија се зголеми на 1 на секои 14 лица во првите три месеца од 2018г., споредено со 1 на секои 29 лица во истиот период во 2017 година.

Дополнително, во последните месеци забележано е влошување на здравјето на новопристигнатите лица од Либија, при што сè повеќе лица пристигнуваат екстремно изнемоштени, слаби и во лоша општа здравствена состојба, што е сериозно загрижувачки.

Додека вкупниот број на преминувања преку Средоземното Море останува далеку под нивоата од 2016година, извештајот на УНХЦР исто така известува за раст во бројот на пристигнувања во Шпанија и Грција во вториот дел од 2017 година. Во 2017 година, Шпанија се соочи со зголемување од 101% во споредба со 2016 година, со 28.000 новопристигнати лица.

Првите месеци од 2018 се покажува сличен тренд, при што бројот на пристигнати лица е зголемен за 13% споредено со
минатата година. Државјаните на Мароко и Алжир станаа најбројни, иако Сиријците остануваат најголемата група која ги преминала копнените граници на Шпанија.

Во Грција, вкупниот број на лица пристигнати по море се намалил споредено со 2016 година, но забележан е раст од 33% помеѓу мај и декември минатата година со 24.600 пристигнати лица споредено со 18.300 лица во истиот период во 2016 година. Повеќето се по потекло од Сирија, Ирак и Авганистан, вклучувајќи и голем број семејства со деца. Барателите на азил кои пристигнуваат во Грција
по морски пат се соочуваа со продолжен престој во пренаселени и лоши услови на грчките острови.

Заради зајакнатите рестрикции во Унгарија, многу бегалци и мигранти прибегнуваат кон алтернативни рути за да се движат преку Европа, вели извештајот.

На пример, некои преминуваат од Србија кон Романија, додека други се движат од Грција преку Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина кон Хрватска.

„Патувањето кон и низ Европа за бегалците и мигрантите останува исполнето со опасност,“ рече Паскал Моро, Директорка на Бирото на УНХЦР за Европа.

Преку 3.100 лица се верува дека ги изгубиле своите животи на море минатата година патувајќи кон Европа, споредено со 5.100 лица во 2016г. Дополнителни 501 лица се удавиле или исчезнале од почетокот на 2018година. Покрај ова, најмалку 75 други лица го изгубија животот долж копнените рути на надворешните граници на Европа или внатре во Европа во 2017 година, со континуирани и сериозно загрижувачки информации за нерегуларно враќање.

„Од животно значење е пристапот до територија и до брзи, фер и ефикасни постапки за азил за луѓето кои бараат меѓународна заштита. Управувањето со границите и обезбедувањето заштита на бегалците согласно меѓународните обврски на Државите не се заемно исклучиви ниту пак некомпатибилни“, рече Моро.

Извештајот на УНХЦР исто така ги потенцира и злоупотребите и изнудувањата кои ги трпат бегалците и мигрантите од трговците со луѓе, криумчарите или вооружените групи кои се активни на разни рути кон Европа.

Жените, посебно оние кои патуваат сами, и непридружуваните деца остануваат особено изложени на ризиците од сексуално и родово засновано насилство долж рутите кон Европа и на некои локации внатре во Европа.

Во 2017 година, повеќе од 17.000 непридружувани деца стигнале до Европа. Најголемиот дел од овие деца стигнале по море во Италија и 13% од сите пристигнати лица биле деца кои патуваат сами, сличен тренд со 2016 година.

Извештајот на УНХЦР сепак покажува мал напредок во бројот на бегалци кои се преселени во Европа минатата година, со раст од 54% споредено со 2016 година. Поголемиот дел од тие 26.400 бегалци се Сиријци (84%) и се преселени од Турција, Либан и Јордан. Од европските земји, Обединетото Кралство, Шведска и Германија го примиле најголемиот дел од нив.

Следното позитивно случување е од крајот на минатата година кога УНХЦР започна да ја олеснува евакуацијата на ранливи бегалци од Либија во Нигер и од Либија во Италија.

„Евакуациите од Либија и зголемените можности за преселување кои ги видовме минатата година се добри вести. Сè уште постојат значителни пречки кои на лицата на кои им треба меѓународна заштита им го ограничуваат пристапот до безбедни и легални патишта, вклучувајќи соединување на семејства, и повикуваме на повеќе солидарност“, рече Паскал Моро.

Извештајот исто така дава дополнителни препораки поврзани со потребата да се зголеми солидарноста помеѓу Државите во Европа и со државите на прв азил и транзит со цел да се зајакне квалитетот на прифатот, посебно за непридружуваните и разделените деца и жртвите кои преживеале сексуално и родово засновано насилство, и со цел подобро да се заштитат децата.