Владата на Унгарија го разреши директорот на Националниот музеј откако им дозволи на деца помлади од 18 години да ја посетат изложбата на Новинарски фотографии (World Press Photo) во која се вклучени и фотографии на луѓе од ЛГБТИ заедницата, и покрај законите со кои се забранува „промоција на хомосексуалноста“ на малолетници.
Тензиите околу изложбата се појавија минатиот месец кога екстремно десничарската партија Ми Хазнак започна владина истрага за ова прашање. Истрагата се води за фотографиите на изложбата „Дом за златните хомосексуалци“ од фоторепортерката Хана Рејс Моралес, кои ги следат жителите од ЛГБТИ домот за стари лица во Манила, главниот град на Филипините.
Законот за забрана на „прикажување и промоција на хомосексуалноста“ во книги и филмови на лица помлади од 18 години беше воведен од партијата во 2021 година. И покрај тоа што според владата на премиерот Виктор Орбан законот цели да ги заштити децата, тој наиде на критики од Европската Унија и од групите за човекови права.
По започнувањето на владината истрага од музејот рекоа дека немаат право да им бараат на посетителите документи за лична идентификација за да ја одредат нивната возраст, но и дека преку веб-сајтот на музејот соопштиле лицата под 18 години да не ја посетуваат изложбата.
Министерот за култура и иновации вчера изјави дека директорот Ласло Симон е разрешен поради „непочитување на законските обврски на институцијата“.
Симон на својот Фејсбук профил напиша дека ја признава одлуката, но негираше дека музејот намерно прекршил некакви закони. Тој рече дека институцијата веднаш го назначила ограничувањето на возраста на својата веб-страница.
Симон, поранешниот пратеник во конзервативната партија на Орбан претходно преку објава на Фејсбук се заблагодари на Ми Хазнак за тоа што ѝ даде публицитет на изложбата, по што изминатиот викенд, како што рече, се формирале редици пред музејот.
Инаку, годинава некои од унгарските продавачи на книги беа казнети откако продаваа книги кои прикажуваат хомосексуалност без да бидат завиткани во пластични кеси како што налага законодавството.
Унгарија забрани „промовирање“ на хомосексуалност меѓу малолетниците