Со новата законска измена, жените во Унгарија мора да го слушнат срцебиењето на фетусот пред абортус

Унгарките кои сакаат да имаат абортус, според новата промена во законот што беше изгласана во вторникот ќе бидат принудени да го слушнат срцебиењето на фетусот пред да ја извршат медицинската интервенција, јавува „Еуроњуз“.

Мерката, потпишана од министерот за внатрешни работи Шандор Пинтер, ги обврзува бремените жени кои бараат абортус претходно задолжително да побараат и добијат извештај од акушер-гинеколог во кој се наведува дека тие биле запознаени на „јасен и разбирлив начин“ со сите „витални функции“ на фетусот.

Законот треба да стапи на сила од утре (15 септември).

Унгарската пратеничка од десницата, Дора Дуро која се залагаше за донесување на измената во законот, ја поздрави одлуката преку пост на Фејсбук.

„Владата направи чекор кон заштита на сите фетуси од зачнување и сега ќе има барем неколку секунди кога фетусот ќе може да комуницира со мајката, и таа со него, слушајќи го неговото срцебиење пред да се случи абортусот“, напиша Дур во својот пост.

Абортусот во Унгарија е легален од 1950 година. Во повеќето случаи постапката може да се изврши до 12-та недела од бременоста, но има и исклучоци коа тоа се одложува до 24-та недела.

Унгарските политичари, граѓански здруженија и европратениците го критикуваа овој потег на унгарската влада.

„Унгарската влада ‘тивко го забранува абортусот’, без да се консултира со жените. Повторно, мажите се тие кои сами одлучуваат за туѓите судбини“, изјави опозициската пратеничка Тимеа Сабо.

Невладината организација „Амнести Интернешнал“ законската измена ја опиша како „загрижувачки чекор наназад“.

„Оваа одлука направена без никакви консултации дополнително ќе го отежни пристапот кон абортуст и понатаму ќе ги трауматизира жените кои веќе се наоѓаат во тешка позиција“, изјави потпаролот на „Амнести“.