Нов Зеланд воведе платено работно отсуство при спонтани абортуси и мртвородени

Паровите во Нов Зеланд кои преживеале спонтан абортус или пак имале мртвороденче ќе можат да добијат платено работно отсуство според новиот закон кој беше усвоен од парламентот, пренесува „БиБиСи“.

Парламентарката Џини Андерсон која работела на воведувањето на овој закон, истакнала дека тој ќе им помогне на мајките и нивните партнери да си дојдат на себе по нивната загуба, без да треба да бараат боледување.

Законот важи и при случаи на посвојување и сурогат родителство. Нов Зеланд е втората земја во светот која има усвоено ваков закон, веднаш по Индија. Законот кој едногласно бил усвоен од парламентарците, дозволува тридневно платено отсуство од работа.

Андерсон истакнала дека една од четири жени во Нов Зеланд преживеала спонтан абортус и се надева дека законот ќе им обезбеди на сите парови олеснување во тешките околности.

„Нивното тагување не е болест, туку загуба. А за да се залечи загубата, потребно е време“, нагласила Андерсон додавајќи дека Нов Зеланд преку овој закон отвора можности за прогресивно и емпатично законодавство.

Пред една година, парламентот во Нов Зеланд усвои реформа која го легализира абортусот и им дозволува на жените избор за прекинување на бременоста до 20 недела од зачнувањето.