Евтаназијата и официјално легална во Нов Зеланд

Од вчера, евтаназијата стана легална во Нов Зеланд, една година откако 65 отсто од гласачите на референдум го изгласаа законот кој озаконува потпомогнато умирање, пренесува „Н1“.

Евтаназија ќе може да побара секое неизлечливо болно лице на кое му останало помалку од шест месеци живот. Лекарите мора да се погрижат дека пациентот е добро информиран, односно дека се задоволени сите други законски критериуми.

Партијата АКТ, која го поднесе предлог-законот до парламентот, соопшти дека законот овозможува избор, контрола и милост за оние кои страдаат.

„Од денес имаме похумано и помилосрдно општество“, рече заменик претседателката на партијата Брук ван Велден.

Но, критичарите на законот стравуваат дека потпомогнатото умирање може да се злоупотреби за да се намалат трошоците за здравствена заштита.

Министерството за здравство проценува дека секоја година до 950 луѓе би можеле да побараат евтаназија и дека на 350 од нив би можеле да им бидат одобрени барањата.