Австралија со закон ќе ги принуди социјалните мрежи да ги разоткриваат троловите

Австралија ќе воведе закон со кој ќе ги принуди големите социјални медиуми да даваат детали за корисниците кои објавуваат клеветнички коментари, изјави денеска премиерот Скот Морисон.

Владата го разгледува степенот на одговорност на платформите како Твитер и Фејсбук за клеветнички материјали објавени на нивните сајтови. Ова доаѓа откако највисокиот суд во земјата пресуди дека издавачите можат да бидат одговорни за јавните коментари на форумите на интернет.

Пресудата доведе до тоа некои медиуми како „Си-Ен-Ен“ да го забранат пристапот на Австралијците до нивните Фејсбук страници.

„Онлајн светот не треба да биде див запад каде ботовите, фанатиците, троловите и други анонимно одат наоколу и можат да им наштетат на луѓето. Тоа не може да се случи во реалниот свет, така што нема причина да се случи и во дигиталниот свет“, изјави Морисон.

Новиот закон ќе воведе механизам за жалба. Ако некој мисли дека е клеветен, малтретиран или напаѓан на социјалните мрежи, ќе може да бара од платформата да го отстрани материјалот.

Доколку содржината не се повлече, судска постапка би можела да ги принуди социјалните мрежи да дадат детали за лицето кое стои позади тие коментари.