УНФПА: Демографската криза во Источна Европа нема да се надмине без родова еднаквост

По повод Светскиот ден на населението, Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија предупредуваат дека земјите од Источна Европа нема да ја надминат демографската криза со која се соочуваат, доколку значително не ја подобрат родовата еднаквост.

Оттаму посочуваат дека децениите на емиграција и ниската стапка на наталитет во земјите во Источна Европа предизвикале намалување и стареење на населението, па  напорите на владите да се справат
со кризата, обидувајќи се да го зголемат наталитетот, пропаднале.

„Многу луѓе сè уште мислат дека ако жените имаат повеќе деца, нашите грижи за демографските промени ќе исчезнат“, вели Флоренс Бауер, регионална директорка на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.

Според УНФПА, ниту една земја од Европа не  успеала да го приближи наталитетот до нивото што е потребно за да се запре намалувањето на населението, па дури и да се врати во нагорен тренд, а организацијата забележува дека обидите да се натераат жените да имаат повеќе деца лесно може да ги загрозат  репродуктивните права и родовата еднаквост.

„Кога женското тело се гледа само како инструмент за остварување на апстрактните идеали за населението, честопати следат повици за ограничување на правото на жените и донесување одлуки во однос на децата и семејството. Ова претставува закана по напредокот во однос на родовата еднаквост постигната во изминатите децении и ги враќа жените на статус на граѓани од втор ред, при што нивната вредност првенствено е дефинирана од нивната улога како родилки и негувателки на деца“, истакнуваат од организацијата.

Преку поголема родова еднаквост, наместо да се ограничуваат правата на жените, од УНФПА нагласуваат дека земјите можат да ја зајакнат својата позиција за надминување на демографската криза со која се соочуваат.

„Широко распространетата дискриминација и исклучувањето на жените од општеството и економијата им оневозможува на земјите пристап до вреден човечки капитал. Тоа дополнително ги ослабува земјите чии работни сили и таленти веќе се исцрпени од емиграцијата во изминатите децении. И тоа придонесува за ниска стапка на наталитет и емиграција, со што само се влошуваат демографските предизвици со кои се соочува регионот“, се вели во соопштението.

Од УНФПА посочуваат на истражување на Обединетите нации, според кое големата родова еднаквост во работната сила многу повеќе ќе ја зголеми одржливоста на економиите во општествата со старо население и низок наталитет.

Оттаму препорачуваат воведување семејни политики корисни и за мажите и за жените до борба против родово базирано насилство, спротивставување на социјалните норми што помалку ги вреднуваат жените и девојките до давање помош на компаниите да ги реформираат дискриминаторските политики на работното место.