„Напад на демократијата“ – Лондон за првпат блокираше шкотски закон за промена на родот

Британската Влада одлучи да го блокира шкотскиот закон за промена на родот, што е првпат централната власт да го искористи правото да блокира закон донесен од децентрализираната власт во Шкотска.

Законот, кој беше усвоен со големо мнозинство во декември со поддршка од сите пет политички партии во шкотскиот парламент, треба да ја олесни можноста луѓето легално да ја променат нивната родова припадност во личните документи.

Но, власта во Лондон се спротивстави поради стравот од можните последици кои би ги можеле да се случат по националните закони во Велика Британија, пренесува Еуроњуз.

Според Шкотскиот закон од 1998 година, децентрализираната власт во Шкотска доби поголеми овластувања во носењето на законите, сепак и понатаму голем дел од легислативата останува под контрола на централната власт во Лондон, кои имаат можност да блокираат и укинат одредени закони. Вчерашниот потег претставува ризик да се разгори нова правна битка меѓу Лондон и Единбург само два месеци откако шкотскиот парламент беше оневозможен од британскиот Врховен суд да одржи втор референдум за прогласување независност.

Шкотската премиерка, Никола Стурџон, на Твитер ваквиот потег на централната власт го нарече „целосен напад на нашиот демократски избран шкотски парламент и неговата можност да носи сопствени одлуки“. Таа додава дека шкотската влада ќе го брани законот, осудувајќи го ветото од властите во Лондон.

Законот за промена на родот требаше да ја олесни правната процедура околу менување на родот преку отстранување на потребата трансродовите лица да имаат медицинска дијагноза или родова дисфорија кога аплицираат за сертификат за признавање на родот.

Со законот дополнително се намали и времетраењето во кое лицето мора да живее во неговата нова родова определба – од две години на три месеци, додека се намали и возраста кога луѓето можат да аплицираат за промена на родот – од 18 на 16 години.

Британската организација за ЛГБТ+ права „Стонвол“ ја критикуваше одлуката на власта во Лондон.

„Ова не се потези на власт која може да се нарече заштитник на ЛГБТК+ правата на меѓународната сцена“, стои во нивното соопштение.

Шкотската влада инсистира дека законот не влијае на националното законодавство, со кое се дозволува забрана на трансродовите лица од одредени простори предодредени за одреден пол, како што се на пример соблекувалните.