Украински пратеник со играчка ги пополнува празните столчиња во Парламентот

Независниот пратеник во украинскиот Парламент, Борислав Береза, на своето работно место доаѓа со сива играчка која ја става на некое од празните столчиња на пратениците. Гестот има цел да ги засрами неговите колеги кои не доаѓаат во парламентот.

Играчката е минијатурна копија на скулптурата Homunculus Loxodontus од холандскиот уметник Маргрит ван Бреворт, која го симболизира искуството на пациентите кои чекаат да бидат прегледани од доктор. Скулптурата стана популарно интернет меме во Русија и Украина, каде е наречена „Почекун“ – оној кој чека.

Во објава на фејсбук, Береза напиша дека иако 322 пратеници биле регистрирани за пленарната седница, физички присутни не биле повеќе од 150 од нив.

„Но Почекун е овде во салата. Како многу Украинци, тој ги чека пратениците да почнат да доаѓаат и да работат. Нему не му недостасува време и трпение. За разлика од Украина“, пишува во објавата Береза.

Играчката беше ставена и на говорницата во парламентот

Украинците кои коментираат на интернет се поделени околу гестот.

„Треба да биде смешно, но повеќе е жално“, смета еден корисник на фејсбук, додека друг мисли дека е „одвратно“, со оглед на конфликтот во Донбас и економијата на „интензивна нега“. Еден корисник се прашува од што е направен Почекун, на што доби одговор: „Направен е од нашите надежи и соништа“.

Украинскиот Парламент има повеќегодишна репутадија за таканаречено „пијано гласање“, во кое пратениците бараат од колегите да гласаат во нивно име со користење на персонализираните електронски картички за гласање.