Украдени антиквитети од Сирија и Ирак се продаваат на Фејсбук

Фејсбук се користи од мрежи на криумчари за продавање и купување украдени антиквитети, откри Би-Би-Си, додека истовремено во групи на социјалната мрежа се дискутирало за начини како да се ограбуваат антички гробници.

Од Фејсбук соопштиле дека по истражувањето на Би-Би-Си веќе отстраниле 49 групи од платформата.

Археолози за британскиот јавен сервис изјавиле дека на продажба виделе римски мозаици кои сè уште се наоѓаат на археолошки наоѓалишта во Сирија.

„Она што го гледаме е експлозија на сајтови и корисници на Фејсбук. Ситуацијата е транснационална и Фејсбук практично дозволува ова да се случува под нивна контрола“, изјавил професорот Амр ал-Азм.

Мозаик за кој се тврди дека потекнува од Алепо е ставен на продажба на Фејсбук

Според податоците до кои дошле Би-Би-Си размената на антиквитети не се случува само на интернет. Последниве години украдени предмети во вредност од повеќе милиони фунти се движеле низ криумчарски рути од Ирак и Сирија во Турција.