Уапсено лице осомничено за смртните закани кон обвинителот Јовески

Во Битола е уапсено лице кое е осомничено дека минатата недела му го испрати писмото со смртни закани на Јавниот обвинител Љубомир Јовески. Станува збор за 53-годишник кој писмото го испратил од пошта во Прилеп против кого МВР покрена кривична пријава за „загрозување на сигурноста“.

Осомничениот во писмото испратено до Јовески се претставил како дел од терористичка организација и во текстот се заканува на обвинителот дека ќе го убие доколку не бидат ослободат од кривичен процес двајцата новинари од ТВ АЛФА, Горан Момировски и Драган Милосављевиќ.

„Љубомир Јовески ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи“, пишуваше во писмото кое јавно го објавија од Обвинителството.

Од МВР велат дека по графолошко вештачење утврдено е совпаѓање меѓу потписот на осомничениот и ракописот во заканувачките писма.

„На 11 декември 2021 година пријавениот С.З., преку редовна пошта од АД Пошта на Северна Македонија-подружница ЦРПС Прилеп, испратил едно писмо со заканувачка содржина до една амбасада во Скопје, додека на 20 и 22 декември 2021 година С.З. преку редовна пошта од АД Пошта на Северна Македонија-подружница ЦРПС Прилеп, испратил писма со сериозни закани по животот на Јавен обвинител од ОЈО за ГОКК Вилма Рускоска. Исто така, на 17 јануари 2022 година преку редовна пошта од АД Пошта на Северна Македонија-подружница ЦРПС Битола, пријавениот испратил писмо со сериозни закани по животот на Љубомир Јовески, Јавен обвинител на Република Северна Македонија. Како испраќач на сите писма пријавениот навел лица со навистинити генералии. Веднаш по добиените пријави полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и СВР Битола, во соработка со Агенцијата за национална безбедност преземаа мерки и активности за расчистување на случајот. Врз основа на издадени Наредби за претрес во дом и други простории од ОС Битола, на 21.01.2022 извршени се претреси на две локации на подрачјето на Битола, и тоа во домот на С.З. и во домот на неговата мајка Љ.З.. При извршените претреси се пронајдени и одземени мобилен телефон, лап-топ компјутер и предмети поврзани со кривичното дело“, стои во соопштението на МВР.

Од МВР додаваат дека осомниченото лице е приведено и ќе биде предаден на надлежно обвинителство.