Јавниот обвинител Јовески добил писмо со смртни закани за случајот со новинарите од Алфа ТВ

Јавниот обвинител Љубомир Јовески вчера добил смртни закани преку анонимно писмо во кое се бара да се ослободат од обвинение двајца новинари од Алфа Телевизија.

Од Обвинителството соопштија дека писмото е испратено од Битолската пошта, а текстот е напишан на македонски и англиски јазик. Во писмото стои дека станува збор за терористичка организација.

„Новинарите Горан Момировски и Драган Милосављевиќ, да бидат ослободени бидејќи се најеминентни новинари и имаат астрономска поддршка низ државата, кои ќе се борат и ќе ги бранат до последна капка крв, како што овие новинари го претставуваат и се гласот на македонскиот народ. Љубомир Јовески ослободете ги од сите обвиненија бидејќи се невини за какво било злосторство или ќе те убиеме многу брзо. Само го чекаме тој точен момент за да ви го одземеме животот. Постапете веднаш ако вашата желба е да останете живи“, стои во писмото доставено до Обвинителството.

Од Обвинителството велат дека заканата се однесува на кривичен предмет за кој постапката веќе е запрена бидејќи е утврдено дека нема место за обвинение.

„Јавниот обвинител на Северна Македонија истакнува дека се залудни ваквите закани и во оваа прилика нагласува дека заканите, па дури и да се по живот нема да го поколебаат во примената на законите и во професионалното и одговорно постапување на Јавното обвинителство“, стои во соопштението од Обвинителството.

Од институцијата информираат и дека пратката ќе биде доставена до Министерството за внатрешни работи заради испитување на содржината на наводите и лицето кое го напишало писмото.