МВР: Истечените пасоши по 31 јули ќе важат до крајот на годинава

Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска информираше дека согласно измените на Законот за патни исправи на државјаните на Република Северна Македонија, важноста на пасошот, дипломатскиот и службениот пасош, чиј рок на важење е истечен, односно истекува по 31 јули годинава, се продолжува до 31 декември, 2021 година, односно до крајот на годинава. Законот ќе отпочне со примена на 1 јули годинава.

Измената на Законот за патни исправи, како што велат од МВР е направена со цел да им се излезе во пресрет на потребите на голем број наши граѓани, кои, како што додаваат, поради пандемијата, рестриктивните мерки, карантините и другите отежнати услови биле спречени навремено да ги продолжат своите документи.