Твитер падна за дел од корисниците со порака дека го надминале дневниот лимит за твитање

Дел од корисниците на Твитер беа оневозможени да ја користат социјалната мрежа во текот на вчерашниот ден откако платформата се соочила со технички проблеми.

Корисниците кои се обидувале да твитаат добивале порака на која пишувало: „Го надминавте вашиот дневен лимит за испраќање твитови“, пренесе Би-Би-Си.

Сајтот кој регистрира проблеми „DownDetector“ објави дека техничките проблеми започнале да се појавуваат околу 21 часот по македонско време.

Илон Маск по преземањето на Твитер во октомври драстично го намали бројот на вработени во компанијата последниве месеци. Минатиот месец една од најголемите социјални мрежи имаше околу 2.300 вработени, што е огромно намалување од бројката од 8.000 вработени во време кога ја презеде компанијата.

Со месеци експерти предупредуваа дека толку големо намалување на вработените може да предизвика технички проблеми, иако се` уште не е јасно дали овој конкретен проблем се должи на недостаток на вработени.

Според медиумите техничкиот проблем бил набрзо разрешен и корисниците можеле повторно слободно да твитаат.