Тројца научници ја добија Нобеловата награда за хемија за откритието на квантните точки

Професорите Мунги Бавенди, Луис Брус и Алексеј Екимов се овогодишните добитници на Нобеловата награда за хемија поради нивното откритие и развојот на квантните точки.

Квантните точки се наночестички кои се толку мали што нивната големина ги одредува нивните својства. Овие најмали делови од нанотехнологијата сега се користат во телевизорите и ЛЕД светилките, а меѓу нивните бројни примени се користат и во медицината, за водење на хирурзите при отстранувањето тумори.

Секој што се занимава со хемија знае дека својствата на елементите се засноваат на тоа колку електрони има конкретниот елемент. Сепак, кога материјата се стеснува на нано-димензии, се појавуваат квантните феномени кои се засноваат на големината на материјата. Нобеловите лауреати за хемија за 2023 година успеаја да произведат честички кои се толку мали што нивните својства се детерминирани од квантниот феномен. Честичките, кои се наречени квантни точки, сега се од огромно значење во нанотехнологијата“, стои во образложението на Нобеловиот комитет.

„Квантните точки имаат многу фасцинантни и необични својства. Најважно, тие имаат различна боја во зависност од нивната големина“, вели Јохан Аквист, претседател на Нобеловиот комитет за хемија.

Физичарите долго време знаеја дека теоретски, квантните ефекти засновани на големината можат да се појават во наночестички, но во тоа време беше речиси невозможно да се работи во нанодимензии. Сепак во раните 1980-ти години Алексеј Екимов успеа да создаде квантни ефекти засновани на големината во обоени чаши. Бојата на чашата доаѓаше од наночестичките на бакар хлорид и Екимов демонстрирал дека големината на честичката имало влијание врз бојата на чашата преку квантните ефекти. Неколку години подоцна Луис Брус стана првиот научник во светот кој ги докажа овие квантни ефекти засновани на големината во честички кои слободно лебдеа во течност. Во 1993 година, Мунги Бавенди направи револуција во хемиската продукција на квантни точки, што резултираше со речиси совршени честички. Ова беше непоходно за честичките да можат да се применат во разни дејсности.

Квантните точки денеска осветлуваат компјутерски монитори и телевизиски екрани кои се базирани на QLED технологијата. Тие истовремено даваат нијанси на светлината од дел на ЛЕД ламбите, додека биохемичарите и докторите ги користат за мапирање на биолошки ткива.

„Квантните точки на тој начин овозможуваат огромни придобивки на човештвото. Научниците сметаат дека во иднина тие можат да придонесат за флексибилна електроника, мали сензори, потенки соларни ќелии и енкриптирана квантна комуникација – така што ние сме само на почетокот на истражувањето на потенцијалот на овие мали честички“, велат од Нобеловиот комитет.

Тројцата научници ќе поделат помеѓу себе 11 милиони шведски круни (Нешто помалку од милион евра) од наградниот фонд на Нобеловата награда. Повеќе за нивното откритие може да прочитате на следниов ЛИНК.

Досега беа доделени две Нобелови награди, за медицина и за физика за оваа година. Утре треба да се додели наградата за литература, додека во петок Нобеловата награда за мир. Во понеделник ќе се додели последната награда за економија.