Научници создадоа глушец со двајца татковци, откако направија јајца од машки клетки

Научниците создадоа глушец со два биолошки татковци, откако генерираа јајца од машки клетки, напредок кој отвора нови и радикални можности за репродукција.

Ваквиот напредок ги отвора можностите за лечење на неколку вида на неплодност, но и можноста истополовите парови да имаат заедничко биолошко дете, пренесува „Гардијан“.

„Ова е прв случај каде цицач е оплоден од машки клетки“, изјавил Кацухико Хајаши, кој го предводел истражувањето на јапонскиот Универзитет „Кјушу“, а воедно е и претпознатлив како пионер на полето за лабораториски изведени  јајце клетки и сперматозоиди.

Хајаши го претставил напредокот на третиот Интернационален самит за уредување на човечкиот геном кој се одржал во лондонскиот Институт „Френсис Крик“, а предвидува дека ќе биде технички возможно да се создаде и одржлива човечка јајце клетка од машка клетка во рок од една деценија.

Други сугерираат дека оваа временска рамка е оптимистична со оглед на тоа што научниците допрва треба да создадат одржливи човечки јајца од женски клетки, израснати во лабораторија.

Техниката може да биде аплицирана и за да се лечат потешки форми на неплодност, вклучувајќи ги и жените со Тарнеров Синдром.

Џорџ Дејли, деканот на Медицинското училиште на Харвард, го опишал истражувањето како фасцинантно, но додал дека според други истражувања, создавањето на лабораториски гамети од човечки клетки е поголем предизвик отколку создавање на клетките кај глушецот.

„Сè уште не ја разбираме доволно уникатната биологија на човечката гаметогенеза за да ја репродуцираме провокативната работа на Хајаши кај глувците“, изјавил тој.

Истражувањето, кое е поднесено за објавување во научно списание, се потпира на низа сложени чекори за трансформирање на кожна клетка, носејќи ја комбинацијата на машки XY хромозом, во јајце, со женската верзија XX.

Бебињата глувци добиени преку лабораторискиот процес се здрави, имале нормален животен век и како возрасни имале потомство.

„Тие изгледаат добро, растат нормално, стануваат татковци“, изјавил Хајаши.