Трето издание на филмската турнеја Reel Rock во Скопје со приказ на достигнувањата во алпинизмот

Пред самиот крај на светската REEL ROCK филмска турнеја, по трет пат во Скопје ќе се одржи најголемиот качувачки празник – REEL ROCK, документарниот серијал кој стигна до своето единаесетто издание, а во чии рамки ќе биде претставена најновата колекција на возбудливи качувачки филмови кои ги прикажуваат најголемите приказни и атлети во рамките на спортот.

„Овој пат со уште посилна локална програма и уште пет документарни филмови за најголемите случувања и достигнувања во глобалниот качувачки свет, што го прави REEL ROCK 11 вистинско место за посветените качувачи и љубителите на карпите и високите снежни планини“, велат организаторите.

Единаесетата REEL ROCK филмска турнеја, традиционално започна на 15-ти септември во Болдер, Колорадо, оваа година за прв пат во облик на фестивал, а потоа продолжи во Сиетл, Сан Франциско, Њу Јорк и Вашингтон, од каде продолжија стандардните премиери насекаде низ светот, прикажувајќи ги најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот. Оваа година со REEL ROCK 11, Скопје заедно со уште околу 500 градови низ светот, повторно ќе ја има можноста да ја гледа премиерата на најновото издание на REEL ROCK и ќе добие уште една доза од најголемите аутдор и качувачки достигнувања, од најзначајните и најискусните качувачи како Ашима Шираиши, Каи Лајтнер, Мет Сегал, Вил Станхоуп, Берт Харингтон, Мајк Либецки, Шон Виланова Одрискол, Нико Фавресе.

Од домашните достигнувања ќе се претстават искачувањето на највисокиот врв на Северна Америка, Денали, кој беше петтиот предизвик на алпинистката Илина Арсова од циклусот „7 врвови на 7 континенти“. Овој ски-алпинистички предизвик со неговите 6195 метри надморска височина, го реализираше заедно со Филип Василески – Четкар оваа година. Друг дел од локалната програма e и достигнувањето на Маја Бошкоска, Александра Герасимова и Ана Грбиќ кои на 10 октомври го освоија Мера Пик во Непал, со своите 6476 метри надморска височина, станувајќи со тоа првата македонска женска хималајска експедиција. Во рамки на REЕL ROCK ова големо достигнување ќе биде претставено преку ексклузивен видео материјал.

„Локалната програма е доказ дека оваа година на качувачки план жените успеаја да ги направат најуспешните високогорски искачувања!“, стои во соопштението.

Пред две години македонската публика за прв пат имаше можност да го проследи деветтото продолжение на REEL ROCК, кое го донесе најнаградуваниот аутдор документарен филм „Valley Uprising’ на американските филмаџии Питер Мортимер и Ник Росен, а потоа и јубилејното десетто издание на највозбудливата качувачка филмска турнеја REEL ROCК 10.

REEL ROCК проекциите првично започнаа во 2006 година, во организација на Џош Ловел (Big UP Productions) и Питер Мортимер (Sender Films). официјалниот настан.

Целата програма со филмови и активности може да се најде на страната на REEL ROCK Macedonia или на официјалниот настан.