Тренеска Дескоска: Одлагањето на „Кембриџ“ побарале лани и од Кембриџ

Одлагање на Кембриџ програмата во средното образование и одложување за една година на програмата во деветто одделение било препорачано и на претходната Влада преку допис од Кембриџ интернационал во 2016 година, извести Министерката за образование и наука Рената Тренеска Дескоска, во својот отчет за работата во првите 100 дена на Министерството за образование.

Во дописот била изразена загриженост за брзањето со воведување на оваа програма во средните училишта, со предупредување дека за таква реформа треба повеќе време.

„За жал, во тој процес воден од претходната влада, процес во кој биле игнорирани предупредувањата од самиот Кебриџ, штета им била нанесена и на учениците и на наставниците, но и на угледот на Кембриџ“, рече Тренеска Дескоска.

Во отчетот за сработеното во првите 100 дена, Министерката посочи дека покрај скенирањето на затекнатата состојба преземени се и серија активности насочени кон отстранување или минимизирање на штетите од погрешните политики на претходната Влада, активности насочени кон остварување на тековните работи во рамките на ресорот и активности насочени кон вршење реформи предвидени во програмата на новата Влада, кои треба да придонесат за подигнување на квалитетот на образованието.

Тренеска Дескоска потсети дека во подготовка е новиот Закон за високо образование, како и измени на Законите за основно и средно образование. Министерката информираше и за одобрени нови вработувања на државните универзитети, како и во неколку основни и средни училишта, со цел, како што изјави, да се намали бројот на ученици во паралелеките.