„Трансценденција“ – прва самостојна изложба на Јана Николовска

Вечерва (23 април), со почеток во 20 часот во Културно информативниот центар – Скопје, ќе се отвори првата самостојна изложба на Јана Николовска – „Трансценденција“.

„На оваа изложба сакам да ве поведам на едно патување. Сакам да тргнеме од крајот кон почетокот. Сакам сите да нурнеме длабоко во себе“, вели Јана и додава дека „Трансценденција“ има за цел да направи експедиција низ различни димензии на човечката внатрешност и надворешност. 

Како што објаснува таа, посетителите преминувајќи од една сала во друга  ќе бидат во еден дух на себе-спознание и интроспектива. 

„Двете сали со видео инсталации се метафори за внатрешниот, метафизички свет кој постои истовремено со надворешниот свет – физичкиот свет. Со тоа што посетителите ќе влезат во едната сала со видео инсталации, тие ќе влезат внатре во себе, во внатрешниот свет, па излегувајќи од неа тие ќе пристапат во надворешниот свет. Кога посетителите ќе влезат во другата просторија со видео проекции, тие повторно ќе влезат во себе, и повторно, излегувајќи од просторијата, тие ќе бидат во надворешноста – чувствувајќи ја поврзаноста и рефлексијата на двата света кои постојат симултано и зависат еден од друг“, изјави Јана. 

Деталите за настанот може да ги најдете тука.