„Табли“ – нова самостојна изложба на Орце Нинески

Новиот циклус дела насловен „Табли“ на уметникот Орце Нинески ќе биде изложен во понеделник (13 ноември) во салон Империјал 1 во Културно информативниот центар – Скопје.

„Во сликите доминираат рамни форми и рамен простор, широки хроматски површини распоредени јасно и прегледно, со прецизен цртеж кој ги определува мирните и складни површини. Таквите рамни површини со ‘стерилизирана’ чистота се распоредени во статичен ритам, по хоризонтала или вертикално поставено платно, некаде ‘кубистички’ расчленети (сродни на некои платна на Хуан Грис) или илузионистички насликани минијатурни предметни мотиви“, се вели во најавата за изложбата.

Владимир Величковски за делата на Нинески вели дека го претставуваат неговиот афинитет кон сликарството на Паул Кле, но и на апстрактниот пејзажизам на Марк Ротко.

„Изложените слики, изработени со акрилни бои, се компонирани од едноставни елементи и меки геометризирани форми кои во основа се независни од појдовните објективни референци (или предметни идентификации) на ‘затскриениот’ иконопис на масата за конзервација“, пишува Величковски.

Изложбата ќе се отвори во 20 часот.