Тери Еванс и Рајан МекГарви на Блуз и соул фестивал 2016

Овогодинешното издание на Блуз и соул фестивалот во Скопје ќе го отвори легендарниот блуз изведувач Тери Еванс, заедно со Џо Коломбо, со настап на 18 септември во Сити Хол центарот.

Тери Еванс е дел од легендарната генерација на блуз и соул пејачи, а досега има објавено осум албуми. Настапувал и снимал заедно со Џон Ли Хукер, The Staples Singers, Боз Скегс, Џоен Арматрадинг, Марија Мулдаур и многу други. Во Скопје доаѓа во рамките на европската турнеја и ова е ретка можност на скопската публика да го проследи неговиот настап.

На 20 септември на фестивалот ќе гостува и еден од најстарите и најдобри блуз бендови од регионот, Србите Raw Hide, кои на сцената се активни од 1982 година. Освен нив, истата вечер ќе настапат и Били Мерциотис и The After Hours од Грција. Били Мерѕиотис е еден од најпознатите грчки блуз рок гитаристи, кој има настапувано со најпознатите грчки музичари, а и со бендот на рок легендата Алис Купер.

На последната фестивалска вечер, на 21 септември, сцената ќе им припадне на Рајан МекГарви и Кармајн Рохас од САД. МекГарви го опишуваат како „ѕвезда во подем“ а има настапувано со Ерик Клептон, Бади Гај, Џеф Бек, Џо Бонамаса… Наградуван е со голем број признанија и награди за најдобар гитарист.

Картите за секоја од трите фестивалски вечери чинат по 300 денари, а блок карта за целиот фестивал може да се набави по цена од 600 денари. Сите концерти ќе се одржат во Сити Хол Центар.