„ТECH@FEIT“ – студентски отворен настан за користење на актуелни технологии

Факултетското студентско собрание (ФСС) при Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) го организира настанот „TECH@FEIT“, со цел запознавање на студентите со актуелните технологии.

„TECH@FEIT“ ќе се одржи во амфитеатарот на ФЕИТ на 07 мај и ќе трае од 10 до 14 часот.

„Концептот на првото издане на ‘TECH@FEIT’ е студентите да се запознаат со функционирањето на ‘blockchain’ технологијата, криптовалутите, и нивната примена во општеството и технологијата“, објаснуваат од ФСС при ФЕИТ.

На настанот студентите ќе имаат шанса да ги чујат излагањата на предавачи од разни области поврзани со „blockchain“ технологијата, односно информациски технологии, математика и правни и економски науки.

Од ФСС ФЕИТ дополнуваат дека целта на настанот е студентите да одблиску да се запознаат со вистинската примена на технологијата која ја учат на предавањата и да стапат во контакт со експерти од областа на технологијата и нејзината примена во секојдневниот живот.

Настанот ќе се одржува хибридно во амфитеатарот на ФЕИТ согласно мерките и протоколите, и преку директна видео врска на ЗУМ за оние кои не се во можност да присуствуваат физички.

Настанот е поддржан од ФЕИТ, Инженерска институција на Македонија (ИИМ), ЕТАИ и главната целна група на посетители се студенти кои ќе можат слободно да присуствуваат согласно мерките и протоколите, без наплата на влезници.