Театарска вечер „Случки“ вечерва во кино Фросина

Вечерва со почеток од 20 часот во Кино Фросина, ќе се одржи театарската вечер „Случки“, на групата Кунстверкштат и Младинската платформа за изведбени уметности „Хај-Фај“. Во рамки на „Случки“ ќе бидат одиграни театарската претстава „Илустрации за тоа како новата идеја го запрепастува човекот кој не е подготвен за неа“ и перформансот „Шуд ај стеј ор шуд ај гоу“.

Претставата „Илустрации за тоа како новата идеја го запрепастува човекот кој не е подготвен за неа“ е работена според текстовите на Данил Хармс, кои вклучуваат историски материјали како бележниците на Хармс, полициските досиеја, сведочења на оние кои го познавале, но и врз основа на неговата книжевност – кратки приказни и песни. Апсурдот на животното страдање на Хармс би требало да биде предупредување за сите нас дека ненадејните заплети на секојдневни калап ситуации ја соголуваат човековата природа и ја бараат вината за злобата во систематските грешки, а не во личната перцепција на субјектот за својата позиција во општеството. Хармсовата наметната лудост е стишување на неговата карактеристична револуционерност која останува да биде безвременска. Претставата е производ од МОФ Летна академија 2016, а подготовката на групата Кунстверкштат беше водена од актерите Наталија Теодосиева и Јаков Спасов. Костимографијата за претставата ја работеше Инес Гоља.

Во претставата играат: Ангел Таневски, Дејан Јованов, Ивона Кузмановска, Јана Бангиева, Петар Антевски, Петар Мукоски, Срна Дуковска, Христина Мирчевска.

Перформансот на групата „Хај-Фај“ – „Шуд ај стеј ор шуд ај гоу“ го опфаќа проблемот со иселување на младите од Македонија. Групата не користеше готови текстови, туку извадоци од вистински приказни на младите од Македонија. Перформансот е финален настан од Младинската иницијатива за изведбени уметности.

Во перформансот учествуваат: Тамара Ангелова, Влатко Јовановски, Тина Спировска, Давид Јовановиќ, Сара Бошковска, Јован Цветкоски, Елена Стојковска, Ивона Богдановска, Викторија Дучкова, Маја Николиќ, Ева Стојановска, Гала Атанасова, Симона Фидановска.

Влезот за театарската вечер е бесплатен.

Настанот е во организација на Младински образовен форум, а е поддржан од Проектот на УСАИД за граѓанско општество.