„Таен премин кон Месечината“ – изложба на Ване Костуранов во галеријата „Метаноја“

„Таен премин кон Месечината“ е насловот на изложбата на Ване Костуранов која ќе се отвори во вторник (28 ноември) од 18 часот во галеријата „Метаноја“.

„Конечното уметничко дело е комплетирано преку ‘техне’ и ‘логос’ не во смисла на современиот композит ‘технологија’, туку во смисла на егзистенцијалната феноменологија. Овие два концепта се неизбежно поврзани на нивото на соодносот меѓу уметничкото (τέχνη) и словесното (λόγος ). Процесот на креативната концептуализација со бои и четка и  мисловната концептуализација со зборови и перо овозможуваат артикулација на она што генерички се именува како духовно. Притоа ‘техне’ ја претставува  естетската рефлексивност, а ‘логос’ ја изразува контемплативната поетичност. Куќичките, дрвјата, патеките, Сонцето и Месечината на Костуранов се уметничка поезија“, вели д-р Коста Милков за изложбата.

На изложбата ќе се обрати рецензентот д-р Коста Милков, директорката на Галерија „Метаноја“  м-р Нада Милкова и авторот на делата Ване Костуранов.

Изложбата ќе трае и во текот на јануари 2024.