СЗО отвори Центар за истражување и откривање на епидемии во Берлин

Светската здравствена организација (СЗО) отворa Центар за истражување и откривање на епидемии во Берлин, наменет за подобар одговор во итни здравствени ситуации. На отворањето на Центарот присуствуваа директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрехесус и германската Канцеларка Ангела Меркел, пренесува „Н1“.

„Светот треба да биде подготвен да увиди нови потенцијални случаи на пандемија и внимателно да ги следи мерките за контрола и во реално време за да се воспостави ефикасно управување со епидемијата или пандемијата“, рече директорот на СЗО.

Тој додаде дека пандемијата на Ковид-19 покажа што треба да се направи за голем исчекор во анализата на податоците.

Центарот е делумно финансиран од Германија и ќе вмрежува експерти од неколку делови, а на располагање ќе им биде најмодерната технологија, наведува СЗО во соопштението.

„Заклучоците од истражувањето треба да се споделат со останатите земји“, рече Меркел, додавајќи дека сегашната пандемија покажува што може да се направи кога силите ќе се обединат.

„И покрај децениските инвестиции, пандемијата на Ковид-19 откри големи недостатоци во способноста на светот да открива, проценува и реагира на епидемии што се закана за населението низ целиот свет“, изјави Мајкл Рајан, извршен директор на СЗО за итни здравствени случаи.