УНИЦЕФ и СЗО: Училиштата во Европа и Централна Азија треба да останат отворени и побезбедни од Ковид-19

Додека милиони ученици се враќаат на училиште низ европскиот регион каде што е доминантна високо преносливата делта-варијанта на САРС-КоВ-2, регионалната канцеларија на СЗО за Европа и регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија повикуваат училиштата да останат отворени и да се направат побезбедни преку донесување мерки за намалување на пренесувањето на вирусот.

Предложените мерки од СЗО И УНИЦЕФ опфаќаат понуда за вакцина против КОВИД-19 за наставниците и другиот училишен персонал како дел од националните планови за вакцинација, истовремено обезбедувајќи вакцинација на ранливите популации. Според нив, треба да се земе предвид и вакцинација на децата на возраст од 12 и повеќе години со медицински состојби коишто значително им го зголемуваат ризикот од тешка манифестација на КОВИД-19, унапредување на училишната средина преку често проветрување на училниците, помали паралелки кога е можно, физичко дистанцирање, како  и редовно тестирање на децата и вработените.

„Пандемијата предизвика катастрофално нарушување на образованието во историјата. Затоа, од пресудно значење е учењето со физичко присуство во училница непрекинато да продолжи низ европскиот регион. Ова е од исклучителна важност за образованието, менталното здравје и социјалните вештини на децата, за да можат училиштата да ги оспособат нашите деца да бидат среќни и продуктивни членови на општеството“, објаснува Ханс Хенри П. Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

Во своето соопштение, УНИЦЕФ и СЗО потенцираат дека високо преносливата варијанта САРС-КоВ-2 Делта придонесе за дополнителна загриженост и компликации за отворањето на училиштата оваа година. Високата инциденца на КОВИД-19 во заедницата го чини пренесувањето во училиштата многу поверојатно. Затоа, сите мора да се заложиме за помало ширење на вирусот.

Податоците јасно покажуваат дека примањето целосна серија вакцини против КОВИД-19 значително го намалува ризикот од тешко заболување и смрт. Затоа, кога ќе ве повикаат да ја примите вакцината, направете го тоа и погрижете се да ги примите сите дози.

„Вакцинацијата е нашата најдобра одбрана од вирусот, а за да заврши пандемијата, мора бргу да го прошириме вакцинирањето подеднакво во сите земји, вклучувајќи и поддршка за производството на вакцини и распределба на дози, со цел насекаде да ги заштитиме најранливите. Исто така, мора да продолжиме да ги следиме јавно здравствените и социјални мерки за кои знаеме дека функционираат, каде спаѓаат тестирање, секвенционирање, следење, изолација и карантин“, рече д-р Ханс Хенри П. Клуге.

„Пандемијата не е завршена. Сите треба да одиграме улога училиштата низ регионот да останат отворени. Децата и младите не смеат да ризикуваат уште една година со нарушено образование. Вакцинацијата и заштитните мерки ќе помогнат да се спречи враќање во најмрачните денови од пандемијата кога луѓето мораа да трпат затворања, а децата имаа нарушена настава“,  вели Филип Кори, заменикот-регионален директор од УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија.

СЗО, УНИЦЕФ и УНЕСКО одобрија низа од осум експертски препораки развиени од Европската техничка советодавна група на СЗО за школување во време на КОВИД-19,  за 53-те земји-членки во Европскиот регион на СЗО, a тие се:

  • Училиштата да бидат меѓу последните места што ќе се затворат, а први што пак ќе се отворат.
  •  Воспоставете стратегија за тестирање
  •  Обезбедете ефективни мерки за ублажување на ризикот
  •  Заштитете ја менталната и социјалната благосостојба на децата
  •  Заштитете ги најранливите и најмаргинализираните деца
  •  Подобрете ја училишната средина
  •  Вклучете ги децата и адолесцентите во носењето одлуки
  • Применете стратегија за вакцинација со која децата ќе останат на училиште