СЗО: Милиони деца поради пандемијата не ги добиваат останатите потребни вакцини

Приближно 228 милиони луѓе во светот, претежно деца, се изложени на ризик од заразување со други болести затоа што програмите за вакцинација се стопирани поради пандемијата со Ковид-19, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Во педесет земји низ светот, на пример, не се спроведува вакцинација против сипаници, детска парализа или жолта треска, објави Светската здравствена организација и УНИЦЕФ.

Сипаниците беа закана дури и пред пандемијата, но сега милиони деца поради пандемијата не се вакцинирани против заразната болест.

„Пандемијата уште повеќе ја влоши лошата состојба“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Анриета Форе.

Посебно се погодени Конго, Пакистан и Јемен.

Еден од проблемите е прекинот во синџирот на снабдување. УНИЦЕФ минатата година можеше да дистрибуира само 2.01 милијарди вакцини, наспроти 2.29 милијарди во 2019 година.

СЗО и УНИЦЕФ покренаа нова иницијатива чија цел е да се вакцинираат 90% од сите малолетници во светот против сипаници, заушки, рубеола, хепатитис, туберколоза и детска парализа. Тоа би требало да спречи 50 милиони смртни случаи до 2030 година.

Двете агенции на ООН ги повикуваат побогатите земји и фармацевтските компании да вложат повеќе во истражувањето за вакцини и да финансираат кампањи за имунизација до населението до кое што е тешко да се дојде.