Светски доктори заедно со пациенти на 19 мај ќе го разбиваат митот: рекреативен или медицински канабис?

Здружението „Зелена алтернатива“ на 19 мај во „Public room“ организира седми семинар со предавања на професори, доктори и научници, признаени во светот за нивните достигнувања и работа во областа на канабисот.

Целта е да се продолжи континуираната едукација и да се споделуваат точни информации за неговите својства и употреба. Оттука, во првиот дел, изглагање ќе има Пол Хорнби, доктор и научник од Канада, познат како човекот кој прв стандардизирал канабис екстракт за третман на специфични болести.

„Свое предавање ќе има и научникот заслужен за откривањето на ендоканабиноидниот систем, д-р Лумир Ондреј Хануш. По потекло е од Чешка, но својата работа ја врши во Израел и е носител на најважните откритија од полето на канабисот и ендоканабиноидниот систем“, се вели во соопштението за настанот „Канабис, 1.000 зошто – 1.001 затоа – Разбивање на митот: рекреативен или медицински канабис?“.

Исто така, гостите ќе имаат можност да го слушнат Роберт Меламед, доктор по молекуларна биологија. Неговите истражувања се во полето на канабиноидите, канцерот и обновувањето на ДНК, а ќе пренесува важни искуства и за третман на пациенти со канабис.

„Како четвртти ќе настапи Јонас Вандерсван, доктор од Канада, кој подолго време препишува канабис и екстракти од канабис за огромен број на болести каде истите имаат примена. Член е на повеќе друштва и асоцијации за употребата на канабисот како медицинско средство“, се вели во соопштението.

Вториот дел од овој настан ќе претставува јавна дебата. Таа првично требаше да се одржи во јуни минатата година, но, велат од здружението, поради отсуството на македонските лекари не беше целосна и се сведе на дебатирање само меѓу пациентите и странските доктори и научници.

Овој пат, после помината дополнителна година, со повеќе легални препарати од канабис на пазарот и се повеќе корисници, „Зелена алтернатива“ се надева дека ќе има и поголем број на македонски медицински лица кои ќе сакаат да ги споделат своите дилеми, позитивни и/или негативни искуства во препишувањето на канабис.

„Целта на дебатата е да се приближат ставовите помеѓу пациентите и докторите, да се чујат нивните барања, нивните дилеми, стравови и прашања во врска со користењето и третирањето на пациенти со канабис и затоа решивме да оставиме поголем простор за дебата и размена на мислења. Овој пат се надеваме на поголема присутност и во оваа пригода уште еднаш јавно да ги поканиме сите заинтересирани медицински лица, да го посетат овој настан и да учествуваат во дебатата со свој придонес, да постават прашање или да споделат мислење и искуство“, велат од здружението.

На настанот се добредојдени сите заинтересирани, со претходна регистрација преку мејлот: contact@publicroom.org со испраќање на: Име, Презиме – регистрација за КАНАБИС, 1000 ЗОШТО – 1001 ЗАТОА – Разбивање на митот: рекреативен или медицински канабис?

Повеќе информации може да се најдат на САЈТОТ или преку мејлот zelenaalternativamk@gmail.com.