Изложбата „Сведоштва“ на уметникот Виктор Настоски претставува емотивен запис, документ и социјална анатомија на човекот и средината во која живее. Портретите се замислени како траги од колективното искуство и меморија, инспирирани од настаните и процесите што оставиле длабоки последици врз современото општество.
Во центарот на изложбата се детските портрети. Настоски не ги прикажува децата како луѓе што допрва треба да станат, туку како целосни човечки битија. Во нивната искреност, ранливост и игра ја препознава суштинската вистина за човекот. Оттука, портретирањето на детето станува и начин на прикажување на состојбата во општеството.
Делата не нудат идеализирани претстави, туку реални, а повремено и сурови слики за влијанието на средината врз физичкото и менталното постоење на децата. Портретите зборуваат без зборови за издржливоста, отпорот, молкот, стравот, незадоволството, насилството и разочарувањето.
Посебна улога во делата има бојата, преку која авторот ги доловува човечките емоции и психолошки состојби. Интензивните црвени и портокалови тонови се поставени во внимателно избалансиран однос со сината и зелената, додека еднобојните, речиси апстрактни заднини го насочуваат вниманието кон лицата. Дел од портретите се создадени според живи модели, а други се имагинарни.
Виктор Настоски е роден во 1975 година во Скопје. Дипломирал на Архитектонскиот факултет при УКИМ, а од 2023 година е целосно посветен на визуелната уметност и сликарството, со главен фокус на портретите и актовите. Живее и работи во Скопје.
ИЗЛОЖБА НА СЛИКИ НА ВИКТОР НАСТОСКИ „ СВЕДОШТВА”
Културно Информативен Центар – Скопје
Продажен ликовен салон
Отворање на 16.09. 2026 во 20.00 ч.
Изожбата ќе биде отворена до 28.09. 2026



