Судири во Венецуела поради хуманитарната помош, Мадуро ја затвори границата со Колумбија

Четири лица загинаа, а 24 беа повредени на границата помеѓу Венецуела и Бразил. Камиони полни со хуманитарна помош беа запалени од страна на венецуелската војска.

Претседателот Николас Мадуро рече дека границата со Колумбија е делумно затворена за да се спречи испораката на помошта. Но, самопрогласениот привремен претседател Хуан Гуаидо вчера вети дека стотици илјади волонтери ќе помогнат да пристигне помошта, која вклучува храна и лекови.

Ова се покажа како клучна област на расправии меѓу двајцата кои се гледаат себеси како лидер на Венецуела.

Слики на различни премини покажуваат дека безбедносните сили фрлаат солзавец кон волонтерите и демонстрантите кои пак фрлаат камења врз војниците и полицијата.

На границата со Венецуела и Колумбија, најмалку тринаесет членови на безбедносните сили пребегнаа во саботата, соопшти Колумбиската миграциска служба.

Локалните медиуми објавија дека луѓето ги прескокнуваат барикадите за да ја преминат границата, додека пратениците од опозицијата ја осудија употребата на сила од страна полицијата.

Гуаидо го посети мостот Тиендитас на колумбиската страна на границата, каде што беше придружуван од претседателот на земјата, Иван Дуке.

„Добредојдовте на вистинската страна на историјата”, им рече на војниците кои ги напуштија своите позиции, додавајќи дека војниците кои им се придружија ќе бидат загарантирани со амнестија.

Во меѓувреме, врвен сојузник на претседателот Мадуро предложи владата да им дозволи на Венецуелците да ја прифатат помошта „на сопствен ризик”, но дека нема странски војници „да стапнат” во Венецуела.

Самиот претседател напиша на „Твитер“ дека „нема да има војна”, објавувајќи слики од граѓани кои навиваат во Каракас.

„Тргни ги рацете од Венецуела, Доналд Трамп”, рече тој во обраќањето кон народот, обвинувајќи го американскиот претседател дека ја користи помошта како средство за инвазија на земјата.

Тој го обвини Гуаидо дека е „кукла”, и „американски пион”, „кловн” и „империјалистички просјак”.

Гуаидо, кој е лидер на националното собрание во кое доминира опозицијата, минатиот месец се прогласи за привремен лидер на земјата.

Тој оттогаш ја доби поддршката од десетици нации, вклучувајќи ги и САД. Тој го нарече владеењето на претседателот Николас Мадуро уставно нелегитимно, тврдејќи дека реизборот на Мадуро во 2018 година е нарушен со нерегуларности при гласањето.

Венецуела е во политичка и економска криза. Стапката на инфлација во земјата ги зголеми цените, оставајќи многу Венецуелци во неможност да си дозволат основни потреби како храна, санитарни и медицински средства.

Околу 2,7 милиони луѓе ја напуштија земјата од 2015 година.