Субвенциите за велосипедите ќе изнесуваат до 3.000 денари по лице

Советот на Град Скопје одлучи максималниот износ за поединечна субвенција за купување на велосипед по лице да изнесува 50 отсто од вредноста на велосипедот, не повеќе од 3.000 денари по лице.

Новитет во јавниот повик за набавка на велосипеди за 2018 година, што е во фаза на подготовка, е тоа што оваа година Градот Скопје ќе субвенционира набавка на рачни велосипеди (велосипед на рачен погон), како и рачни велосипеди со електрични помагала за лица со посебни потреби.

Градот Скопје ќе субвенционира 50% од вредноста на рачниот велосипед и рачниот велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби, но не повеќе од 90.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход.

Субвенции ќе се делат по принципот „прв дојден, прв услужен“. Од буџет се одвоени 10 милиони денари, од кои 9 милиони за набавка на велосипеди, а 1 милиони денари за набавка на рачен велосипед или рачен велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби.

Рокот за пријавување за субвенциите и критериумите за нивно доделување, Град Скопје ќе ги објави деновиве.