[Студија] Македонија меѓу земјите со најголем пад на слободата на говор последнава деценија

Македонија заедно со Турција, Бразил, Бангладеш и Бурунди се државите со најголем пад во слободата на изразување во последниве години, покажува студијата за слободата на изразување во 172 земји, спроведена од Групата „Артикал 19“ во соработка со политичката и социјална база на податоци „V-Dem”.

Студијата, која проучува 350 различни аспекти на демократијата, покажува и дека на глобално ниво, медиумските слободи се на најлошо ниво во последнава деценија и дека само во 2016 година 79 новинари ширум светот биле убиени, а 259 затворени.

Петте главни елементи по кои се оценети државите се: граѓанскиот простор, медиумите, транспарентноста, дигиталната сфера и заштитата. Извештајот дава графички приказ за овие пет сфери за секоја држава. Секој елемент е прикажан со круг и боја. Колку е помал кругот и колку е потемна бојата, толку полоша е оценката на државата во таа сфера.

„За првпат имаме сеопфатен и целосен поглед на состојбата на слободата на изразување и информирање во светот. За жал, нашите согледувања покажуваат дека слободата на изразување е под напад, како во демократиите, така и кај авторитарните режими“, вели извршниот директор на „Артикл 19“, Томас Хјуз.

Помеѓу заклучоците од студијата наведено е дека приватните комуникации се надгледувани како никогаш претходно, а  интернет цензурата станала многу изразена по 2006 година, период кога е создаден Твитер, додека Фејсбук и Јутјуб сè уште се во нивните зачетоци. Се додава и дека значително е зголемена употребата на алгоритми за отстранување на легални и нелегални содржини со мала транспарентност врз процесот или земање во предвид на човековите права.

Студијата посочува и дека владите користат законски и други мерки кои се насочени кон загушување на критичките гласови и протести од страна на индивидуалци и граѓанските организации. Меѓу овие тактики се и етикетирањата на невладините организации како „странски агенти“ и нелегално следење на НВО-ата и новинари.

Една од најпозитивните промени во последната деценија е повикот за поголема транспарентност, кој донел до законски права на информации во 119 земји во светот.

„Артикал 19“ е британска организација со фокус на промоцијата на слободата на изразување.