Студентите во Бања Лука го окупираа Ректоратот

Околу стотина студенти на Универзитетот во Бања Лука влегоа во зградата на Ректоратот, барајќи да се сретнат со раководството на Универзитетот со цел да ги предадат своите 17 барања.

Студентите бараат Сенатот на Универзитетот да донесе унифицирани правила на студирање во врска со предиспитните обврски и полагање на испити, кои ќе се применуваат на сите факултети.

Тие бараат решавање на аферата на Технолошкиот факултет, каде што референтот на Студентската служба, Велимир Балабан е обвинет за сексуално уценување, како и да се истражат сите афери за сексуално вознемирување на Универзитетот.

Студентите бараат да се обезбеди автономија на студентските организации и претставничките тела и да се запре мобингот над претставниците на студентите.

Меѓу барањата што ги потпишаа сите претставници на студентските организации е и она на најдобрите студенти да им се понуди останување на Универзитетот.

„Ние го спуштивме знамето и го заземавме ректоратот. Им дадовме рок до 16 часот, ректорот и останатите да се појават во ректоратот. Нема да си заминеме додека не пристигнат“, рекоа претставниците на студентите.