Стотици илјади маршираа против теророт во Барселона

Околу половина милион луѓе учествуваа синоќа во „Маршот за мир“ во Барселона, под слоганот „no tinc por“ (Не се плашам), во демонстрирање отпор по минатонеделните терористички напади во кои 15 лица го загубија животот, а над 100 беа повредени.

Маршот го предводена вработените во Итната помош, таксисти, полицајци, пожарникари, стопанственици и граѓани кои дошле во помош, веднаш по нападот во улицата Ла Рамбла.

Ова е најмасовен протест во престолнината на Каталонија, по демонстрациите на два милиони луѓе против војната во Ирак во 2003 година.

Од Барселона е испратена порака на единство, откако на маршот се приклучија и претставници на шпанските централни, регионални и локални власти, а се придружи и кралот Филип Шести, како прв шпански монарх кој учествувал на јавен протест по обвовувањето на монархијата.

Сепак, и покрај повиците маршот да не се политизира, можеа да се забележат голем број знамиња во поддршка на независноста на Каталонија, иако можеа да се видат и многу шпански знамиња, што е реткост во Барселона. Беа истакнати и многу анти-владини транспаренти, повеќето со пораката „ваши војни-наша смрт“ – кои повикуваа на прекин на трговијата со оружје.

Стотици доброволци поделија рози од локалното здружение на цвеќари, и тоа 50.000 црвени, 10.000 жолти и 10.000 бели рози, кои ги претставуваа боите на грбот на Барселона.