Стејт департмент: Партиите што ќе формираат влада да работат конструктивно со опозицијата на владеење на правото

Aмериканскиот Стејт департмент го поздрави одржувањето на изборите во Македонија како важен прв чекор за излегување од политичката криза,  a притоа ја повика новата влада конструктивно да работи со опозицијата при спроведувањето на реформи кои се значајни за евроатланската интеграција.

Портпаролот во Стејт департментот, Џон Кирби им честиташе македонските граѓани што го искористија своето право на глас на парламентарните избори на 11 декември. Исто така, ги поздрави и првичните заклучоци на ОБСЕ и ОДИХР дека изборите биле конкурентни и дека фундаменталните слободи биле генерално почитувани.

„Одзивот беше висок, а изборите беа спроведени на мирен и уреден начин, со неколку случаи на процедурални нерегуларности. Се приклучуваме кон загриженоста на овие две организации околу административната подготвеност за изборите и ја охрабруваме идната влада да продолжи да работи на градење на капацитетот во Државната изборна комисија и да се решат структурните и правните прашања во врска со гласачките списоци. Сметаме дека овие избори се важен прв чекор за Македонија да излезе од политичката криза. Ги охрабруваме партиите што ќе ја формираат новата влада да работат конструктивно со опозицијата за спроведување на реформи кои ќе ја унапредат евроатланската интеграција, особено во областа на владеењето на правото“, изјави Кирби во име на Стет департментот, уверувајќи ги граѓаните на Македонија дека ќе имаат партнер во САД при овие напори.