[Став] Зошто војната во Украина има тенденции да трае со години?

Пишува: Алфред Марлеку

Меѓудржавните војни се меѓу главните закани со трансформативно влијание врз меѓународниот систем и поредок. Кога завојуваните страни се моќни земји, ефектите од овие видови војни се умножуваат, зголемувајќи ја непредвидливоста и времетраењето.

Причините за овие војни се многубројни и разновидни. Тие можат да произлезат од различни фактори и актери, почнувајќи од територијални спорови; натпреварување и конкуренција за економски можности и геополитички простор; различни интереси; идеолошки судири итн.

Војната меѓу Русија и Украина е најголемата меѓудржавна војна во Европа по Втората светска војна. Веќе произлезе заклучок од многу истражувачи дека нејзините ефекти ќе бидат мултидимензионални, длабоки и трансформативни, особено за безбедносниот систем во Европа. Поминаа седумнаесет месеци од почетокот на војната и сè уште нема индикации за нејзината форма, начин и потенцијален исход. Разбирливо е дека никој со точност не може да предвиди нешто такво.

Сепак, дури и под овие услови може да се понуди објаснувачка теоретска перспектива која зема предвид два фактори: ситуацијата на силите на терен, испреплетени со крајните цели на вклучените страни, и емпириски податоци за просечното времетраење на меѓудржавните војни во минатото.

Територијалниот спор како фактор за времетраењето на војната

По седумнаесет месеци жестоки борби, се чини дека ниту една страна нема реални шанси да постигне апсолутна победа на бојното поле. Овој вид на победа се постигнува кога победничката држава е во состојба трајно да ја уништи заканата што во иднина може да биде појави од спротивната држава.

Покрај тоа, целите на Русија – земјата што ја иницираше агресијата – значително се трансформираа со текот на времето.

На почетокот на борбите, руските официјални лица изјавија дека единствената и конечна цел е да се постигне, преку „специјална и добро испланирана операција“, брза и дефинитивна победа насочена кон „демилитаризација“ и „денацификација“ на Украина. Соочени со отпорот на украинската армија и народ – кои безрезервно беа поддржани од западните земји во однос на воената, финансиската и разузнавачката смисла – руското раководство го менуваше својот пристап, менувајќи ги на овој начин и целите на војната.

Како резултат на тоа, почна да се применува тактиката на масовно бомбардирање, гаѓајќи ги исто така и целите на цивилното население без никакви критериуми и принципи. Во октомври 2022 година, Русија започна да ја спроведува политиката на територијална окупација и припојување. Во моментов, Русија успеа официјално да ги припојува Крим и четири други региони, кои заедно сочинуваат над 20% од вкупната украинска територија пред почетокот на кризата во 2014 година.

Руското раководство во неколку наврати јасно стави до знаење дека нема намера да ја отстапи таа територија. Од друга страна, украинските лидери постојано велеа дека ќе продолжат да се борат додека целата територија окупирана од Русија не биде вратена под украинска контрола. Претседателот Зеленски го нагласува фактот дека не станува збор само за враќањето на неодамна окупираните региони, туку и за припоениот Крим во 2014 година.

Во обраќањето на годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, тој изјави дека „Крим е наш, наша територија“. На средбата со кинескиот претседател Си Џинпинг, Зеленски рече дека е незамисливо да има мир заснован на територијални компромиси.

Извор: pexels.com

Истото важи и за украинските граѓани. Во анкетата спроведена од Меѓународниот институт за социологија во Киев во февруари и март 2023 година, се констатира дека 87% од Украинците сметаат дека каква било територијална отстапка за постигнување мир е неприфатлива. Студијата покажа дека само 9% од граѓаните изјавиле дека ќе прифатат отстапки дури и во однос на територијалниот аспект, под услов тоа да значи постигнување на траен мир.

Имајќи ги предвид овие околности – каде завојуваните страни имаат непомирливи разлики во однос на окупираната територија; одразуваат спротивставени крајни цели во однос на завршување на војната; постои очигледен недостаток на политичка волја да се вклучат во преговарачки процес и имаат некомпатибилни светогледи во однос на идните односи што Украина треба да ги има со Западот – веројатноста е многу висока дека оваа војна ќе трае уште многу години.

Историјата укажува на долги години на војна

Покрај територијалните цели што ги имаат завојуваните страни -главниот елемент што нè води до заклучок дека војната во Украина ќе трае- за жал и историските наоди ја поддржуваат истата претпоставка. Врз основа на податоците собрани во период од над 75 години од Универзитетот во Упсала– односно од Одделот за мир и истражувањe конфликти – за бројот на конфликти/војни, нивната големина, формата на војувањето и времетраење, утврдено е дека 26% од меѓудржавните војни завршуваат за помалку од триесет дена.

Просечното времетраење на воените активности кои завршуваат во текот на 30 дена е 8 дена. Меѓутоа, ако една војна трае повеќе од триесет дена, тогаш, според овие податоци, 25% од нив завршуваат во рок од една година. Во повеќето случаи, крајот на овие војни е во форма на постигнување мировен договор или прекин на огнот меѓу завојуваните страните.

Ако воените активности траат подолго од еден месец, но во времетраење помалку од една година, во 24% од случаите тие завршуваат со прекин на огнот. Сепак, она што е важно да се напомене, овие податоци покажуваат дека ако меѓудржавните војни траат повеќе од една година, тогаш веројатно е дека нивното траење ќе продолжи во период до една деценија.

Се чини дека овие емпириски податоци даваат мрачна перспектива за војната во Украина. Помина една и пол година од почетокот на конфликтот и сè уште нема сериозна иницијатива на хоризонтот за постигнување договор за прекин на огнот. Западните земји, вклучувајќи ги и САД, ветија дека ќе ја поддржат Украина „онолку долго колку што е потребно“.

Сепак, тие сè уште немаат јасна идеја како и кога ќе заврши војната. Постојат некои незначителни иницијативи од страна на земји како Бразил или Кина кои повремено се среќаваат со украинското и руското раководство со цел да ги зближат завојуваните страни. Но, без некој значаен успех. Украинската страна и понатаму инсистира на тоа дека разговорите можат да започнат само кога руските сили ќе ја напуштат целата нејзина територија, вклучувајќи го и Крим.

Најдобрата гаранција за мир е воена победа која ги принудува руските трупи да ја напуштат Украина. Додека руската страна одговара дека Украина прво мора да ја прифати „новата реалност“—контрола над речиси една петтина од украинската територија- а потоа да седнат на преговарачката маса.

Очигледно е дека војната во Украина е прилично комплексен конфликт во кој се испреплетуваат различни интереси, а не само страните кои се директно вклучени во воените активности. Русија и Украина изразија контрадикторни ставови за решавање на конфликтот, што го отежнува предвидувањето за брз крај на војната. Покрај тоа, историските податоци, исто така, укажуваат на тоа дека војните кои траат повеќе од една година имаат тенденција да продолжат до една деценија.

Сепак, и покрај волјата на страните вклучени во конфликтот и заклучоците што можеме да ги извлечеме од времетраењето на слични војни во минатото, постојат непредвидливи околности кои можат да влијаат на крајот на војната во Украина.

Јасно е дека Русија цели кон една долга војна. Претседателот Путин може да се надева дека враќањето во Белата куќа на поранешниот претседател Трамп во 2025 година може да ја промени американската поддршка за Украина.

Сепак, бунтот на водачот Евгениј Пригожин на платеничката група Вагнер, кој ја обвини руската армија дека ги напаѓа неговите сили и во знак на одмазда имаше намера да се врати во Москва за да бара правда, беше доказ дека Путин повеќе не е недопирлив и семоќен во однос на контролирање на ривалите и политичко-воените групи дури и внатре во рамките на Русија.

Покрај ова, се верува дека ако украинската контраофанзива, започната пред неколку месеци, биде доволно успешна, тоа би можело да го принуди Путин да седне на преговарачка маса за да се најде начин да се стави крај на војната.

Се разбира дека сите овие варијабли можат да влијаат врз текот на војната во Украина, вклучувајќи го и нејзиното времетраење.

*Алфред Марлеку е доктор по политички науки и професор по меѓународни односи и компаративна политика на Факултетот за политички науки во рамки на УБТ Колеџ, Косово. Автор е и коавтор на голем број научни трудови од областа на политичките науки во релевантните регионални и меѓународни списанија. Покрај тоа, тој е коавтор на серија стратешки документи, главно во областа на високото образование. Неговите истражувачки интереси вклучуваат, но не се ограничени на, меѓународните односи, мали држави и процесот на градење на државата. Повеќе од 8 години работи како проект-менаџер во различни програми финансирани од Европската комисија, УСАИД, амбасадата на САД и други, кои главно се однесуваат на реформите во високото образование во Косово, особено фокусирајќи се на истражување и развој, одлив на мозоци, развој на наставни програми итн.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.