[Став] Варуфакис: Победата на Трамп има позитивна страна за светските прогресивци

Изборот на Доналд Трамп го симболизира крајот на една извонредна ера. Ова е време кога го видовме чудниот спектакл на една суперсила, САД, да расте поради сѐ поголемиот број на дефицити. Извонреднa беше и поради ненадејниот прираст на два милијарди работници од Кина и Источна Европа, во капиталистичкиот интернационален синџир на ресурси. Оваа комбинација му даде на глобалниот капитализам историски поттик, истовремено намалувајќи го приходот и можностите на западната работна сила.

Успехот на Трамп доаѓа, додека истовремено таа динамика пропаѓа. Неговиот претседателски мандат претставува пораз за либералните демократи насекаде, но носи и значајни лекции, како и надеж, за прогресивците.

Од средината на 1970-тите до 2008 година, економијата на САД го чуваше глобалниот капитализам во нестабилен, но добро избалансиран еквилибриум. Во нејзината територија ги вовлече извозите на економиите како Германија, Јапонија и подоцна Кина, обезбедувајќи ги најефикасните фабрики со побарувачка за реквизити. Како се плаќаше за овој растечки дефицит на трговија? Со враќањето на околу 70 проценти од профитите направени од странските корпорации на Вол Стрит, за да бидат инвестирани во финансиските пазари на Америка.

За да го одржи овој рециклирачки механизам, Вол Стрит мораше да биде ослободена од сите ограничувања – остатоците од Новиот договор на Рузвелт и пост-воениот договор од Бретонските шуми, кои ги регулираа финансиските пазари. Затоа службениците од Вашигтон толку многу сакаа да ги дерегулираат финансиите: Вол Стрит го обезбедуваше каналот преку кој растечките приливи на капитал од остатокот на светот ги израмнуваше дефицитите на АД кои, за возврат, го обезбедуваа остатокот од светот со побарувачката која го стабилизираше процесот на глобализација. И така натаму.

Трагично, но и лесно предвидливо, Вол Стрит продолжи да гради неодржливи пирамиди на приватни пари (познати и како структурирани деривативи) врз приливот на капитал. Тоа што се случи во 2008 година е нешто што малите деца кои се обиделе да направат бескрајно висока кула од песок го знаат: пирамидите на Вол Стрит се срушија од сопствената тежина.

Тоа беше момент од 1929 година за нашата генерација. Централните банки, водени од Бен Бернанки, кој бил студент за време на Големата депресија во 1930-тите, се обиде да спречи тоа да се случи повторно преку заменување на исчезнатите приватни пари со лесен јавен кредит. Тој потег спречи втора Голема депресија (освен за послабите алки, како Грција и Португалија), но немаше капацитет да ја реши кризата. Банките се вратија во оптек, а дефицитот за трговија на САД се вратија на своето ниво пред 2008 година. Но, капацитетот на економијата на Америка за да воведува еквилибриум во светскиот капитализам исчезна.

Резултатот е Големата западна дефлација, обележана од ултраниски или негативни каматни стапки, цени во опаѓање и опаднато плаќање на работната сила насекаде. Како процент од глобалниот приход, вкупните заштеди на планетата се на светски рекорд, а инвестирањето е досега најниско.

Кога толку многу отсутни заштеди се акумулираат, цената на парите има тенденција да опаѓа. Ова го потиснува инвестирањето и светот завршува во рамнотежа со ниска стапка на инвестирање, ниска побарувачка и малку приходи. Како и на почетокот на 1930-тите, оваа средина резултира во ксенофобија, расистички популизам и центрифугални сили кои ги разоруваат институциите кои биле гордоста и радоста на глобалниот естаблишмент. Погледнете ја Европската унија, или Трансатлантското партнерство за трговија и инвестирање.

Пред 2008 година, работниците во САД, Британија и периферијата на Европа беа смирувани со ветувања за „капитални придобивки“ и лесни кредити. Нивните куќи, им беше кажано, само ќе се зголемат во вредност. Во меѓувреме, нивниот конзумеризам може да биде финансиран преку втора хипотека, кредитни картички и останато. Цената беше нивната согласност за пстепено повлекување на демократскиот процес и неговата замена со „технократската“ намера за да се служи верно на интересите на оној еден процент. Сега, осум години после 2008 година, овие луѓе се лути и сакаат да се одмаздат.

Триумфот на Трамп го комплетира смртничкото ранување кое оваа ера го претрпе во 2008. Но, новата ера која ја воведува претседателството на Трамп, најавена од Брегзит, не е нова. Всушност, тоа е постмодерна варијанта на 1930-тите, заедно со дефлацијата, ксенофобијата и „раздели, па владеј“ политиката. Победата на Трамп не е изолирана. Без сомнеж ќе ги зголеми токсичните политики кои ги започна Брегзит – порастот на Алтернатива за Германија, нескриената религиозна нетрпелвост на Никола Саркози и Марин ле Пен во Фрнација, „илибералната демократија“ во Источна Европа и Златна зора во Грција.

За среќа, Трамп не е Хитлер, а историјата никогаш не се повторува толку веродостојно. Големите бизниси не го финансираат Трамп и неговите европски колеги, како што ги финансираа Хитлер и Мусолини. Но, Трамп и колегите од Европа се одраз на националистичкото интернационално движење кое се појавува, кое светот го нема видено од 1930-тите.

Исто како и во 1930-тите, сега период на лош монетарен дизајн и финасијализација доведе до банкарска криза која донесе сили на дефлација, кои создадоа комбинација од расистички национализам и популизам. Како и во раните 30-ти, естаблишментот без идеја цели кон прогресивците, како Берни Сандерс и нашата прва влада на Сириза во 2015 година, но завршува заменета од расистички националисти.

Може ли спектарот на оваа националистичка интернационала да биде апсорбиран или поразен од глобалниот естаблишмент? Треба многу верба за да мислиме дека можеме, со оглед на неуспесите за координирање. Има ли алтернатива? Мислам дека да – прогресивна интернационала, која му се противи на наративот за изолирање и промовира инклузивен хуманистички интернационализам на местото на неолибералистичката одбрана на правата на капиталот да се глобализира.

Во Европа, ова движење веќе постои. Основано во Берлин минатиот февруари, Движењето за демократија во Европа (DiEM25) се обидува да го постигне она што поранешната генерација на европејци не успеа да го направи во 1930. Сакаме да стигнеме до демократите надвор од нашите граници и политичките партии, и да побараме од нив да се обединат, за границите и срцата да ни останат отворени, додека планираме логични економски политики кои ќе му овозможат на Западот го прифати повторно концептот на взаемен просперитет, без деструктивниот „раст“ на минатото.

Но, Европа очигледно не е доволна. DiEM25 ги охрабрува прогресивците во САД, кои ги поддржуваа Берни Сандерс и Џил Стајн, во Канада и во Латинска Америка, да се обединат во Движење за демократија во Америките. Бараме и од прогресивците во Блискиот исток, особено оние кои крварат против ИСИС, против тиранијата, и против режимите-марионети на Западот, да изградат Движење за демократија на Блискиот исток.

Трумфот на Трамп има и светла страна. Покажува дека сме на крстопат кога промената е неизбежна, не само можна. Но, за да се осигураме дека ова не е типот на промена која човештвото ја претрпе во 1930-тите, ни требаат движења кои ќе пораснат и ќе изградат прогресивен интернационален отпор, за јја врати смислата во служба на хуманизмот.

Јанис Варуфакис, економист, академик и политичар кој служеше како Министер за финансии на Грција од јануари до јули 2015, за академскиот магазин The Conversation.