[Став] Наскоро ќе имаме свет без животни и ќе сфатиме колку многу ни се потребни

Пред неколку години слушнавме дека 50 проценти од сите ’рбетници ќе исчезнат во наредните 40 години. Во четвртокот, бевме поздравени со вести дека до 2020 година, бројката веројатно ќе порасне до 66 проценти од сите ’рбетници. Не е чудно што конзервационистите веќе викаат гласно. Не е чудно што се толку очајни некој да ја слушне нивната порака. Животните, се чини, полека ги снемува. А никој не се грижи доволно.

Затоа, дозволете ми да ви ја претставам идејата на пост-животинска Британија. Дали се животните можеби преценети? Можеби не би било толку тешко?

Секако, веројатно би имало тешки избори на почетокот. Една особено тешка проблематика би била да се најде начин да се опрашуваат растенијата. Како што е веќе познато, растенијата и инсектите еволуирале заедно – растенијата нудат шеќерна награда за инсектите, а тие за возврат им ги нудат своите услуги на опрашување. Како ќе успееме да го направиме ова без пчели и муви? Едноставно. Проблемот на оплодувањето може лесно да биде решен со роботи или луѓе на дневна пауза од затвор (или дури и деца кои не успеале да влезат во приватно училиште). Тие ќе можат рачно да ги опрашуваат цвеќињата.

Навистина, рачното опрашување е веќе честа пракса во некои делови од светот, каде населението на без’рбетниците веќе драстично опадна. Помислете на заштедите од таков план! На роботите не им треба шеќерна вода произведена од растенијата. Тие работат на евтино масло и гас, од кои ќе има многу, засекогаш. Без инсектите, сите победуваат, нели?

Уште посериозно, може да има други придонеси. Помислете на климатските промени. Глобалните емисии на јаглероден диоксид ќе бидат многу намалени без нив, бидејќи гасовите кои ги произведуваат домашните животни сочинуваат 15 проценти од емисиите на стакленички гасови причинети од човечки фактор. Значи, тоа би било добро. Нема да ни недостасуваат ни домашните животни, бидејќи се чини дека ќе ги печатиме нашите вечери со 3Д принтери во иднина. Навистина, лабораториски одгледуваното месо веќе станува реална можност, што значи дека овците, свињите и кокошките, кои се многу скапи за одгледување, може да исчезнат навистина среќно.

Исто и миленичињата. И нив може да ги снема. И тие придонесуваат кон глобалните емисии на стакленички гасови. Ако се ослободиме од нив, за две генерации самата помисла на имање милениче веројатно ќе се смета за апсурдна. Самата идеја дека во некои куќи има мачка која грее нечиј скут, додека личноста гледа серии на Нетфликс, може да се чини толку перверзна за нашите праправнуци, чија идеја за имање на значајна врска со животинскиот свет дотогаш, ќе значи да фрлат 35 покетопки на имагинарно животно додека седат на тоалетната шолја.

Сепак, ни јас не сум сосема оптимистичен. Јас сум првиот кој признава дека ќе има проблеми во пост-животинскиот свет. Секако, зелените цветови од алги ќе останат некултивирани и ќе има смрдеа од диви печурки кои ќе ја пополнат пустелијата оставена од распаднатите животни на Земјата. Но, ќе поднесеме малку смрдеа, а можеби и ќе викнеме некој да ни исчисти. А да, и растенијата нема да растат бидејќи нема да има црви да ја збогатат почвата со кислород. А заедниците кои живеат во почвата – минијатурни црви и термити – ќе изумрат, па почвата ќе биде мртва и ќе стане обична прачина. Но, сепак да не нѐ разочаруваат деталите, добро? Повторно, децата и роботите ќе можат да ја пополнат оваа улога. Ќе биде во ред.

Бидејќи, има друг бонус за живеењето во свет без животни. Едноставно е. Замислете го порастот на егото кој ќе дојде со тоа што ќе бидеме последните животни да преживеат масовно изумирање. Замислете да бидеме последните. Јас и вие. Би можеле да бидеме мајстори на масовно изумирање, толку големо што сет иден живот на Земјата ќе биде наше поколение. Замислете, 50 милиони години подоцна, мали луѓе-стаорци и луѓе-свињи и минијатурни луѓе кои се гранат со мочуришни треви загадени со токсични бактерии. Замислете мали луѓе кои се ситат во тивките шуми на смрдливи, безбојни печурки кои растат на изгниено дрво. Замислете мали луѓе-мачиња кои ви го топлат скутот додека гледате Нетфликс. Звучи супер, нели? Можеме да бидеме опкружени со животни обликувани според нашиот изглед. Би можеле да бидеме богови, всушност.

Знам дека звучи нереално, но конзервационистите, верувам дека вака го замислуваат светот. Мислат на овој човечки свет, и каков ќе биде без животните во него. Тивок свет каде сѐ се врти околу нас и она што нашата индустрија може да го направи, каде нема бегство од човештвото. Свет каде сите звуци ги произведуваат луѓето, а сите бои се произведени во фабрика, за мене не е природен свет.

Затоа, можеби е време да почнеме да размислуваме на најлошото, барем понекогаш. Можеби тоа ќе направи да слушаме малку повеќе наредниот пат кога статистики како оваа се објавени од конзервационистите. Бидејќи ова е вистински пад. Ова е вистински тренд. Вака изгледаат масовните изумирања одвнатре. Животинскиот свет станува сѐ помалку животински секој ден. Па, кој свет го сакате повеќе: нашиот, или нивниот?

Џулс Хауард, зоолог и автор на книгата „Сексот на Земјата: Славење на животинската репродукција“, за Гардијан