[Став] Нарушеното здравје на жртвите на родово базираното насилство

Катарина Ставриќ

Важно е да се работи на превенција на родово базирано насилство која има за цел информирање и едукација на населението и промоција на здравјето и безбедноста како и рано откривање на насилно однесување кај поединци, потенцијални насилници и преземање мерки за спречување и сузбивање на насилство.

Родово базираното насилство врз жени и девојчиња е една од најраспространетите повреди на човекови права што сериозно влијае на сите аспекти на физичкото, сексуалното, репродуктивното и менталното здравје и однесување на жените. Според СЗО, 26% од жените на возраст од 15 до 49 години доживеале физичко или сексуално насилство од интимен партнер.

Насилство за жените претставува траума на која тие емоционално реагираат различно но остава долгорочни последици по нејзиното здравје и благосостојба. Како едно лице ќе реагира на траума, може да варира од личност до личност, но исто така и една иста личност може различно да манифестира промени во однесувањето при повторувачки инциденти на насилство.

На што се должат симптомите кои се јавуваат кај жртвата на насилство?

Основна цел на жртвата при насилство е да преживее. Постојат различни области во мозокот кои се погодени од трауматскиот настан. При трауматскиот настан се губи контролата од делот на мозокот кој игра важна улога во рационалното размислување, анализирање и планирање на активности. Жртвата делува несвесно, автоматски, при што е пореметено комплексното размислување.

Во тие моменти се активираат рефлексите на преживување, и под дејство на хормоните се случуваат одредени промени во организмот како што се проширување на зениците, покачување на крвниот притисок, забрзување на пулсот и дишењето и затегнување на мускулатурата.

Тоа е физиолошки процес кој се случува кај секој организам изложен на траума и влијае врз неговото однесување, емоции и на создавање меморија кај жртвата. Жртвата несвесно одлучува какво дејствие ќе преземе во тек на трауматскиот настан. Затоа е важно да и се објасни на жртвата дека не треба да се срами од дејствијата кои ги презела во тек на насилството.

Многу луѓе се запознаени со концептот „бори се или бегај“, но истражувањата покажуваат дека постои и трет одговор наречен „смрзнување“ кое всушност, е најчеста реакција на траума или страв, наместо да се возврати или да се бега.

Трауматските настани доведуваат до длабоки и трајни промени во однесувањето, емоциите, и меморијата. Сеќавањата се зачувуваат поинаку за време на трауматскиот настан. Спомените се фрагментирани, нецелосни, периферните детали често недостасуваат или се слабо кодирани. Бидејќи мозокот ги смета сензорните и емоционалните детали како централни за време на трауматскиот настан, поверојатно е дека жртвата ќе ги запомни овие детали.

Периферните детали како време на насилство, локација, хронолошки редослед на настаните и времетраење не се поврзани со преживувањето, затоа, помала е веројатноста дека ќе се паметат. Трауматизираните луѓе се чувствуваат и се однесуваат како да им е исклучен нервниот систем од сегашноста, па така злоупотребуваните жени и жените жртви на сите форми на насилство постојано го преживуваат тоа што го доживеале при насилството.

Последици по здравје

Последиците по здравјето од насилството може да бидат истовремено и непосредни, акутни, и долготрајни и хронични. Негативните последици по здравјето може да траат долго по престанување на насилството.

Колку е потежок степенот на насилство, толку поголемо ќе биде влијанието врз здравјето на жената. Исто така, изложеноста на повеќе од еден вид на насилство (на пример, физичко и сексуално) и/или неколку инциденти на насилство со текот на времето имаат тенденција да доведат до посериозни здравствени последици.

Жените кои доживеале физичко или сексуално насилство од страна на партнерот во кое било време по 15-годишна возраст од животот имаат значително поголема веројатност од другите жени да пријават слабо општо здравје, хронична болка, губење на меморијата и проблеми при одење и извршување на секојдневните активности.

Жените со историја на злоупотреба имаат поголема веројатност од другите жени да пријават низа хронични здравствени проблеми како што се главоболки, хронична карлична болка, болки во грбот, болки во стомакот, синдром на нервозно дебело црево и гастроинтестинални нарушувања.

Гинеколошките проблеми, како вагинална инфекција, болка за време на сексуален однос, хронична карлична болка, инфекции на уринарниот тракт, гинеколошки трауми, несакана непланирана бременост се исто така чести кај жртвите на сексуално насилство. Дури и без сексуална злоупотреба, жените кои доживуваат партнерско насилство се чини дека имаат зголемен ризик од гинеколошки проблеми, иако причините за тоа не се доволно познати.

Физичката и сексуална злоупотреба во детството исто така е поврзана со низа последователни ризични однесувања, вклучително и рана сексуална активност, злоупотреба на алкохол, тутун и дрога, повеќе сексуални партнери, избор на насилни партнери подоцна во животот, и пониски стапки на употреба на контрацепција и кондом.

И физичкото и сексуалното насилство се поврзани со поголем ризик од неповолен исход врз менталното здравје кај жените. Преовладуваат депресија, обиди за самоубиство, посттрауматско стресно нарушување, други стресни и анксиозни нарушувања, нарушувања во спиењето или јадењето и психосоматски нарушувања.

Во Северна Македонија од долгорочните психолошки последици 82% од жените имаат тешкотии со спиење, потоа следува чувство на ранливост кај 67%. Не помалку се присутни губење на самодоверба и депресија кои доминираат кај насилство од поранешен партнер. 70% од жртви на не-партнерско насилство страдаат од долгорочни психолошки последици.

Посттрауматско стресно растројство (ПТСР)

Во многу случаи, долговечноста на психолошката траума го надминува животниот век на штетните ефекти врз физичката благосостојба; исекотини, гребнатини, скршеници и модринки се секако болни, но на крајот заздравуваат. Напротив, психолошката траума може да трае од еден месец до крај на животот. Ова нарушување не е знак на слабост, туку биолошка состојба каде мозокот реагира со забележливи промени, особено региони на мозокот одговорни за сознавањето, меморијата и одговорот на стимули.

Во услови на ПТСР жртвата може да има кошмари и епизоди на повторувано преживување на траумата. Може да се присутни симптомите на избегнување ситуации, активности, мисли или сеќавања што потсетуваат на настанот. Зголеменото чувство на моментална закана резултира со преголема надразливост, претерана будност и засилена реакција на страв.

Како резултат на тоа жртвите се чувствуваат ранливи, избегнуваат контакти, имаат тешкотии при извршување на вообичаените работни, школски, домашни или општествени активности.

Овие симптоми влијаат на квалитетот на животот и ги продолжуваат ефектите од траумата. Тие ја преживуваат својата траума не само во нивните соништа и сеќавања, туку и во нивните постапки. Во обидот да се поништи трауматичен момент, жртвата може да се стави во ризична ситуација.

Каква е перспективата на жртвите?

На жртвите на насилство им е потребна мултисекторска поддршка и третман од здравствените институции. Главен проблем е достапноста на соодветни здравствени и психосоцијални услуги. Заштита на жртвите на насилство треба да биде приоритет на секоја држава. Но, уште повеќе потребно е јакнење на сите институции во препознавање, рано откривање на родово базираното насилство и обезбедување на рехабилитација и психосоцијална подршка на жртвите.

Со донесување на Протоколот државата обезбедува системски координиран пристап на сите надлежни институции кои работат на заштитата, помош и поддршка на жртвите на насилство.

Уште поважно е да се работи на примарна превенција на родово базирано насилство која има за цел информирање и едукација на населението и промоција на здравјето и безбедноста како и рано откривање на насилно однесување кај поединци, потенцијални насилници и преземање мерки за спречување и сузбивање на насилство.

Потребно е да се променат ставовите и верувањата кај пошироката јавност за нула толеранција на насилство. Важно е континуирано информирање на пошироката јавност, а особено на жртвите/преживеаните за расположливите ресурси за справување со проблемот.

На тој начин може да се има позитивно влијание врз ставовите на жртвите кои се сензибилизираат да препознаат форми и последици на насилство, да ја променат својата перцепција кон насилството и да се охрабрат да зборуваат и пријавуваат насилство.

*Проф. д-р Катарина Ставриќ е специјалист педијатар-имунолог и професор на Медицинскиот факултет во Скопје.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.