Стафилов: Енормно загадување на водите со пестициди и тешки метали  

Проблемот со водите е многу сериозен. Сите студии на реките и на речните сливови покажуваат енормно загадување на водите, посебно со пестициди, а во некои делови и со тешки метали, вели професор Трајче Стафилов од Природно-математичкиот факултет во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

Истражувања на Стафилов и тимот биле пошироки,  освен истражувањата на загадените подрачја од индустриските активности, извршиле истражувања и за подготовка на геохемиски атлас на почвите во Македонија. Односно, целата територија на Македонија со избор на 1.000 локации од коишто се земени 2.000 примероци и врз основа на тие се подготви геохемиски атлас којшто излезе минатата година и е достапен.

„Од таму ја имаме сликата за околу 40 хемиски елементи и нивната дистрибуција во почвите во целата држава. Таму каде што очекувавме или добивме резултати за појава на одредено загадување, направивме дополнителни истражувања со многу поголем број на примероци и притоа објавивме уште седум геохемиски атласи за такви региони. Така што ја имаме сликата за загадување на почвите со тешки метали. Паралелно со истражувањето на загадувањето на почвите, земавме и примероци од мов, којшто е најдобар биоиндикатор за загадување на воздухот“, вели Стафилов.

Од сите тие истражувања, вели тој, може да се кажеме дека во Македонија има области каде што имаме интензивно загадени почви. Тоа има последици и во загадувањето на воздухот, со пренос на таква прашина или на почвите.

„Исто така имаме индустриски депонии, коишто се најчесто историски, значи од минатото, кога не се водело многу грижа за загадувањето и кога законските норми не биле на тоа ниво како што се сега за да се спречи депонирање на таков, да речеме, опасен отпад којшто е во енормно големи количества и којшто бара решенија“, вели тој.

Во однос на водата за пиење, го потенцира проблемот со загаденоста на водата од водоводот во Гевгелија која што има зголемена концентрација на арсен. Квалитетот на храната од животинско потекло, вели тој, ја контролира Ветеринарниот факултет, дел од поранешниот Ветеринарен институт, којшто сега е дел од Ветеринарниот факултет врши такви анализи, не само на тешки метали, туку и на други загадувачи.

„Агенцијата за храна исто така има свои надлежности да врши такви испитувања, меѓутоа она што ми е на мене познато, а што е резултат на наши истражувања, во одредени региони каде што имаме големо загадување, посебно со тешки метали, имаме загадување и на храната. Ние извршивме детално истражување во Велес и во неговата околина, од поголем број на бавчи зедовме над 40 различни примероци од зеленчук и во сите утврдивме дека концентрацијата на кадмиум и олово е над максимално дозволената по нашите правилници, но таа сè уште се конзумира, не е забранета за конзумација. Претпоставувам дека надлежните ќе се зафатат со решавање на тој проблем, бидејќи е недопустиво кога знаеме дека имаме контаминирана храна, таа да се конзумира и денес“, нагласува реномираниот професор Стафилов.