„Сруши го ѕидот“ за поголеми здравствени права на Ромите

Форум-театарската претстава „Сруши го ѕидот“, чија цел е да поттикне дискусија за предизвиците со кои се соочуваат Ромите при остварувањето на своите здравствени права, ќе се одигра во Скопје, Виница и Битола.

Премиерата ќе се одржи утре (4 април) во Салонот 19,19 во Скопје, по што следат изведбите во НУ Центар за култура во Битола (22 април) и во Домот на културата во Виница (24 април). Сите изведби започнуваат во 19.00 часот, а влезот е бесплатен.

Режисер на форум-театарската претстава е Игор Ивковиќ, кој заедно со Александар Самарџиев од Х.Е.Р.А. го подготви и сценариото. Улогите ќе ги толкуваат Емра Куртишова, Огнен Велевски, Орнела Гани, Елена Ѓорѓевска, Кенан Таир и Благица Стоименова, а Игор Ивковиќ и Марко Новески ќе ја модерираат комуникацијата со публиката.

„Поаѓајќи од фактот дека дискриминацијата кон Ром(к)ите директно влијае врз пристапот и квалитетот на понудените и добиените здравствени услуги, форум-театарската претстава ќе ја актуелизира оваа проблематика на креативен начин со цел да придонесе кон менување на негативните наративи за ромското население во здравствениот систем“, посочуваат граѓанските организации Х.Е.Р.А. – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, Центарот за интеграција „Амбрела“, КХАМ – Делчево и Центарот за развој на ромската заедница „Баирска светлина“ – Битола.