Сојузот на средношколци побара поддршка од пратениците

Сојузот на средношколци се обрати кон Собранието и неговите пратеници за поддршка на нивните барања во врска со државната матура.

Средношколци веќе една недела бојкотираат настава поради неприфаќањето на нивните барања од страна на Министерството за образование и наука. Во случај да не најдат компромис со МОН, како последен демократски чекор од Сојузот бараат пратениците да изготват и донесат законско решение кое ќе ги вклучи нивните барања кои ќе важат само за оваа учебна година.

Средношколците периодов бараа од МОН да го намали бројот на предмети кои учениците треба да ги полагаат. Од четири предмети учениците да полагаат два предмети, и тоа мајчин јазик и втор предмет по избор на ученикот. Покрај ова, тие бараат МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март 2021 да објават и презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испитите.

Од Сојузот велат дека ја разбираат потребата од државна матура, но како што посочуваат, пандемијата покажала дека образованието може да функционира и без нејзино одржување.

На 5 мај, 2020, Владата одлучи да ги ослободи учениците од завршните години на образованието во учебната 2019/2020 година од полагањето на државна матура, училишна матура, завршен испит со тригодишно траење и завршен испит со четиригодишно траење. Оваа одлука, според Сојузот, била донесена поради неподготвеноста на образовниот систем да организира толкав потфат и неискусноста на општеството со наставата од далечина и тн. „нова нормалност“.

„Најпрвин, нашето општество не смее да ги игнорира последиците на неквалитетната настава од далечина, за што сведочат и нашите извештаи за онлајн наставата. Понатаму, дури и кога наставата од далечина би била беспрекорна, интеракцијата меѓу матурантите и професорите e значително намалена. Исто така, младите се гневни бидејќи генерацијата пред нив не полагаше матура, а продолжи во високото образование, та зошто би било поразлично за нив? Токму затоа нашите барања имаат за цел да произведат позитивен исход врз сите засегнати страни“, стои во барањето на Сојузот упатено до Собранието.

Наспроти мислењата на Сојузот, од МОН се децидни – државната матура треба да содржи четири предмети.

„Ако дури и Вашата поддршка се покаже како залудна, единственото преостаното решение е Собранието да го измени Законот за средно образование, којшто МОН мора да го почитува“, стои во писмото.