Сојузот на средношколци излезе со четири барања за Државната матура

Намалување на соодносот во поените на матурските испити со оценките од сведителставата, промена на датумот за првиот екстерен испит, испитот по мајчин јазик универзитетите да го земат за соодветен и наставниците однапред да ги споделат банките прашања за интерните предмети.

Ова се барањата на Сојузот на средношколци по однос на државната матура кои беа усвоени на денешното генерално собрание.

За првото барање именувано „Коефициенти за екстерните испити при упис“, од Сојузот велат дека ќе биде во интерес на средношколците бидејќи интерните испити кои се креирани од самите предметни наставници ќе имаат повеќе тежина при уписот на факултетските студии.

„Сега екстерните испити носат најмногу 24 поени, интерните испити носат најмногу 12 поени, а проектната задача носи максимум 4 поени. Имајќи ги предвид состојбите во образовниот систем и прекините во наставниот процес на оваа генерација, Сојузот предлага да се промени соодносот, т.е. екстерните да носат 20 поени, интерните 16 поени и проектната задача да носи 4 поени“, гласи барањето.

Понатаму, во второто барање стои „Владата да им препорача на сите универзитети во земјава првиот екстерен предмет (мајчин јазик – Македонски јазик и литература, Албански јазик и литература, Турски јазик и литература) да го сметаат за соодветен, со што, како што велат од Сојузот, ќе се зголеми неговиот придонес во поените за државната матура“.

Третото барање е во однос на промената на датумот за полагање на првиот екстерен испит, односно од 27 мај да се премести на 3 јуни поради православниот празник Духовден.

„Сојузот смета дека оваа промена треба да се однесува само на првиот екстерен испит, односно сите останати компоненти да се одржат на однапред планираните датуми“, информираат оттаму.

Четвртото барање е за интерните испити, од средношколската организација бараат наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред испитот.

„Бројот на прашања во банките да биде 3 пати поголем од бројот на прашања на испитот“, се наведува во барањето.

Од Сојузот известуваат дека овој допис ќе го достават и до Владата, Министерството за образование и наука (МОН) и Државниот испитен центар.

Одлуката на Сојузот доаѓа откако претходно денес тие излегоа со став против укинувањето на еден интерен предмет, што пак беше посочено како барање од Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) на денешниот одржан протест пред МОН.

Како што изјавија од ОДАС на протестот, нивното главно барање е да се скрати материјалот којшто е предвиден за полагање на државната матура, а како алтернатива доколку не биде исполнето ова барање е да се тргне еден интерен предмет од матурата.

[Фото] Средношколци со протест пред МОН побараа кратење на материјалот за матура