Нови дојави за подметнати бомби во 18 скопски училишта

На мејл адресите на 18 основни и средни училишта во Скопје денеска стигнала нова закана за поставена експлозивна направа, информираа од Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштата, во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, стои во соопштението на МВР.

Од 26 октомври минатата година во повеќе од 20 наврати се пријавуваат дојави за бомби низ Северна Македонија. Покрај во основни и средни училишта изминативе месеци имаше дојави за поставени експлозивни направи и во Народната Банка, полициска станица, Министерството за надворешни работи, Транспортниот центар и повеќе трговски центри и станбено-деловни комплекси. Досега беше утврдено дека сите дојави се лажни.