Повторно дојави за бомби во осум скопски средни училишта

Осум средни училишта во Скопје денеска преку мејл примиле дојава за поставени бомби, а во моментов се прават антитерористички проверки на локациите на училиштата, информираа од МВР.

Ова е прва дојава за поставени бомби по повеќе од еден месец. Последен пат имаше дојава за бомба имаше на крајот на минатата година, пред почетокот на зимскиот распуст на учениците.

„Денеска околу 11.40 часот во СВР Скопје е пријавено дека на електронска адреса на осум средни училишта во Скопје е упатена закана за поставена експлозивна нaправа. Веднаш по добиената пријава, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на училиштето и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопштија од МВР.

Од 26 октомври минатата година во повеќе од 20 наврати се пријавуваат дојави за бомби низ Северна Македонија. Покрај во основни и средни училишта изминативе месеци имаше дојави за поставени експлозивни направи и во Народната Банка, полициска станица, Министерството за надворешни работи, Транспортниот центар и повеќе трговски центри и станбено-деловни комплекси. Досега беше утврдено дека сите дојави се лажни.