[Фото] Средношколци со протест пред МОН побараа кратење на материјалот за матура

„Колку настава, толку матура“, „Тест, а не стрес“, „Бидете во чекор со генерацијата“, со вакви и слични транспаренти, десетици средношколци денеска протестираа пред Министерството за образование и наука (МОН), барајќи кратење на материјалот за матура.

На протестот кој го организираше Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС), се приклучија и студенти, откако претходно неформалната организација „Студентски отпор“ го поддржа протестот, но истакна и свои барања,  поврзани со мерката за студентски оброк, условите на факултетите и студентските домови.

Претседателката на ОДАС, Анисија Угриновска од пред МОН истакна дека за полагањето матура е најавен скратен материјал, но дека немаат увид во него.

„Нашето главно барање е да биде скратен материјалот кој што е предвиден за полагање на државната матура со оглед на сето она што го поминавме како матуранти овие четири години. Поминавме низ онлајн настава, поминавме низ дојави за бомби, поминавме низ штрајкови на професори кои што ги поддржавме, поминавме низ штрајкови на вработените во ЈСП кои што го отежнаа доаѓањето на учениците во училиштата. Сите овие фактори ќе влијаат дефинитивно на полагањето на државната матура на матурантите. Ние во саботната дискусија како средношколци се усогласивме дека сме најоштетена генерација и дека како генерација не сме имале една цела непрекината учебна година“, рече Угриновска.

фото: Радио МОФ

фото: Радио МОФ

Кратењето на материјалот за матура е нивно главно барање, додека како алтернатива доколку не биде исполнето ова барање е тргање на еден интерен предмет од матурата, појасни претседателката на ОДАС.

„Секако ние целиме првично да биде скратен материјалот, а понатаму имаме слух за такво нешто, што секако би се осврнале на мерки кои што би биле во бенефит на средношколците“, рече Угриновска.

Од 13 часот, ОДАС се на средба со министерот за образование и наука Јетон Шаќири, а од организацијата на средношколци најавија детали по завршување на средбата.

Дополнително, Угриновска смета дека во однос на полагањето матура, имало задоцнета реакција од Сојузот на средношколци. Таа смета дека Сојузот не обрнал никакво внимание на актуелниот проблем кој ги опфаќа сите средношколци.

Студентката Теодора Наумовска од организацијата „Студентски отпор“ посочи дека го поддржуваат протестот и смета дека заедно со нив можат да испратат погласна порака и да се изборат за заедничките барања.

„Потсетуваме дека целта на овој протест е немање слух на Владата за нашите проблеми. Бараме зголемување на субвенционираниот студентски оброк и почитување на роковите за исплата на субвенционираниот студентски оброк и за стипендиите, кои веќе доцнат месец дена. Излажани сме за подобрувањето на условите во студентските домови и нема ништо реновирање, а условите и понатаму се катастрофални. Бараме итно решение за овие проблеми и затоа денеска го искажуваме нашиот револт на протест пред Министерството за образование и наука“, рече Наумовска.

фото: Радио МОФ

Пред денешниот протест, реагираа и од Сојузот на средношколци од каде посочија дека укинување на еден интерен испит не е во интерес на средношколците.

Во нивното соопштение до јавноста тие велат дека интерните испити се полесни од екстерните, а нивно укинување ќе им ја намали можноста на матурантите да се запишат на универзитетски студии.

„Анализата на Сојузот покажува дека укинувањето на еден интерен испит ќе им наштети на нашите ученици кои аплицираат за студии во странство бидејќи нема да имаат доволен опсег на предмети. На пример, медицинските факултети во Велика Британија бараат од секој кандидат да приложи најмалку испит по Биологија и по Хемија, а испитот по Англиски јазик им служи на странските кандидати да докажат дека го познаваат јазикот. Бидејќи испитот по мајчин јазик не е прифатен на странските факултети, нашите матуранти ќе бидат ставени во подредена положба. А нивниот број не е мал“, велат од Сојузот на средношколци.

Од Сојузот тврдат дека секоја година има преку 1.700 матуранти кои студираат во странство, а оваа бројка може да достигне и 2.000 лица, што е околу 12 проценти од вкупниот број матуранти. Според нив, укинувањето на еден интерен испит може да им го уништи трудот на овие средношколци, а со сличен проблем би можеле да се соочат и матурантите кои ќе студираат на домашните универзитети, доколку тие решат да направат построги уписи.

Сојуз на средношколци: Укинување на еден интерен испит не е во интерес на средношколците