ОДАС во петок организира протест, бараат МОН да каже што ќе се полага за матура

Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) за петок (17 март) од 12:30 часот организира протест пред Министерството за образование и наука (МОН). Сметаат дека времето за спремање државна матура е многу кратко, па бараат од надлежните да објават што да се учи, кој материјал е скратен, за да може навреме да се спремат. 

Екстерните предмети од државната матура годинава ќе се полагаат на 27 мај и на 10 јуни, но од ОДАС посочуваат дека досега имаат „дупки“ во знаењето од оваа, но и од претходните учебните години.

„Што побрзо знаеме што ќе полагаме, толку подобро можеме да се спремиме. Протестот има за цел да привлече внимание за потребите на средношколците. Минатата сабота имавме дискусија на која беа присутни околу 40-ина средношколци, кој во најголем број се изјаснија дека не се укинување матура, туку да се намали обемот кој би се полагал, или пак да се изостави еден интерен предмет. Односно, наместо два да биде еден. Тоа доаѓа од многу валидна причина, бидејќи сите се согласивме дека сме генерација која немала една цела непрекината година. Секоја учебна година имаме некакви пропусти на часови, настава, на знаења (пандемија, рестрикции со струја, дојави за бомби н.з.). Тоа во голема мера може да се одрази на полагањето на матурата“, вели за Радио МОФ Анисија Угриновска, претседателката на ОДАС.

Таа посочува дека овие неколку години, како учесници во образовниот систем, се соочиле со голем број предизвици за кои вреди да се дискутира и да се лобира кај надлежните.

Оттука, покрај предизвиците со државната матура, од ОДАТ се залагаат и за средношколскиот стандард.

„Денес ги повикавме и студентите да се придружат и го поддржат протестот. Да ја поддржат борбата за средношколскиот стандард, но, исто така, да ја истакнат важноста и на студентскиот стандард, бидејќи во моментов е актуелно она што се случува и со субвенционираниот студентски оброк“, посочува Угриновска.

Бојан Шашевски