МОН со насоки до училиштата: По дојава за бомба, наставата да продолжи онлајн

Одговорните во Министерството за образование и наука (МОН) испратиле допис до основните и средните училишта во државата, во кој наложуваат директорите да организираат настава на далечина во деновите кога ќе добијат дојави за поставени бомби. Ова се случува за учениците да не губат од настава бидејќи дојавите се зачестени, а информацијата за дописот од МОН доаѓа откако Мета.мк објави дека гимназиите „Орце Николов“ и „Никола Карев“ веќе го применуваат овој начин на функционирање, со цел да има континуитет наставата и да не се губат часови.

Како што информираат за Мета.мк од МОН, училиштата треба да организираат учење на далечина во деновите кога има дојава за бомба. Досега имаше целосен прекин или распуштање на наставата. Освен ова, во дописот се наведени и насоки и начини за користење на електронски адреси, како и насоки за да се зајакнат контролата за влез и излез на училиштата.

Итните мерки кои МОН им ги испрати на директорите на училиштата, се преземаат за да се овозможи непречено реализирање на воспитно-образовниот процес во безбедна и стимулирачка работна средина.

Вчера, МВР објави дека 14 училишта добиле дојава за поставена бомба, но во текот на денот бројката порасна на 49. Се работеше за скопски училишта, Заводот за рехабилитација во Скопје и едно во Прилеп. Вакви дојави, за кои постојано од МВР се утврдува дека се лажни, почнаа да стасуваат од 26 октомври минатата година. Покрај во земјава, ваква форма на хибридни закани минатата година се појави и во останатите земји од соседството.

Извор: Мета.мк